Американец го купува Евертон, a сопственикот на Челзи го сака и Портимоненсе

Американецот Мациек Камински, инвеститор со седиште во сојузната држава Минесота, е на чекор од купување на англискиот премиерлигаш Евертон за 400 милиони фунти, пишуваат англиските медиуми.

Во новинските извештаи на Островот се наведува дека преговорите меѓу сегашниот сопственик Фархад Мошири и малку познатиот американски бизнисмен се во напредна фаза, меѓутоа и натаму се комплицирани поради нестабилниот финансиските пазар во Обединетото Кралство.

За каков и да е договор и натаму би било потребно одобрување од Премиер лигата. Успешната продажба би значело дека половината од 20-те клубови во најелитното англиско фудбалско лигашко натпреварување би имале американски акционери.

Фархад Мошири, британски претприемач од иранско потекло стана мнозински акционер во ливерпулски Евертон во февруари 2016 година, а по две години подоцна го зголеми својот удел во сопственоста на клубот.

Според локалните медиуми, Камински емигрирал во САД од Полска во доцните 1960-ти години, потоа бил инвестициски советник во брокерските куќи „Paine Weber“ и „Piper Jaffray“, пред да влезе со вложувања во секторот недвижнини. Своето богатство го изградил со стекнување на канцелариски недвижнини во Минеаполис, најголемиот град во Минесота на средниот американски Запад.

Предводен од менаџерот Франк Лампард,, поранешниот играч на Челзи, Евертон минатата сезона одвај го избегна испаѓањето од Премиер лигата, а во моментов се наоѓа на 13-то место на табелата.

Британските медиуми наведуваат и дека новиот сопственик на лондонски Челзи, американскиот претприемач Тод Боели набрзо може повторно да се впушти во аквизиција на фудбалскиот пазар. Но, овој пат во Португалија и наводно е во преговори околу Портимоненсе, кој го гледа како идеален сателитски клуб,

Портимоненсе моментално во португалското првенство се наоѓа на четвртокот место со 15 бодови, шест помалку од водечката Бенфика.