Американецот Малпас на чело на Светската банка

Извршниот одбор на Светската банка едногласно во петокот го избра заменикот американски министер за финансии за меѓународни прашања, Дејвид Малпас за претседател на банката, продолжувајќи ја традицијата Американец да биде на чело на оваа институција чијашто задача е да ја намали сиромаштијата во светот.

Светската банка соопшти дека Дејвид Малпас ќе ја преземе должноста во вторникот, во текот на пролетната сесија на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.

Малпас беше единствениот кандидат. Неговиот претходник Џим Јонг Ким во 2012 година имаше двајца противкандидата, од Нигерија и од Колумбија. Овој Американец од јужнокорејско потекло поднесе оставка пред крајот на мандатот.

Шеесет и двегодишниот Малпас, кој беше советник во кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп на изборите во 2016 година, е познат по тоа што во 2017 година во американскиот Конгрес ја критикуваше Светската банка поради тоа што „и натаму им позајмува големи суми пари на земјите“ како Кина, втората економска сила во светот. Но Малпас во април 2018 година ја даде својата согласност за зголемување на капиталот на банката за 13 милијарди долари за финансирње заеми за најсиромашните земји.

Претседателот на Светската банка има петгодишен мандат и неговат должност не е толку влијателна како што е должноста на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд.