Американецот уапсен во Москва за шпионажа работел за компанијата BorgWarner

108

Компанијата „BorgWarner“ потврди во соопштение во вторникот дека американскиот државјанин Пол Николас Вилан кој руската безбедносна служба го уапси во Москва под сомнение дека се занимавал со шпионажа, е нејзин директор во областа на безбедноста.

„BorgWarner Inc дозна за апсењето на нашиот соработник Пол Вилан од соопштението на Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија, објавено на 31-ви декември 2018 година. Можеме да потврдиме дека г-дин Вилан во моментов е директор за глобална безбедност на компанијата и е одговорен за безбедноста на нашите објекти во Обурн Хилс, (во сојузната држава) Мичиген, и во други места во целиот свет, каде што се наоѓа компанијата“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на компанијата.

На страницата на BorgWarner се наведува дека имаат свои филијали во Бразил, Велика Британија, Унгарија, Германија, Индија, Шпанија, Ирска, Италија, Канада, Кина, Мексико, Полска, Португалија, Тајланд, Франција, Шведска, Јужна Кореја и Јапонија, но Русија не е наведена. Компанијата е основана во 1880 година и преименувана во 1928 година, а произведува компоненти и делови за автомобилската индустрија, вклучително менувачи, карбуратори, преноси. Компанијата се позиционира како еден од водечките светски производители на делови кои обезбедуваат транзиција на автомобили на еколошки мотори кои користат обновлива енергија

Се додава дека од BorgWarner „контактирале со релевантните американски владини агенции за да му помогнат на нашиот соработник и со владата на САД“, „Бараме да испратиме дополнителни прашања за овој случај до американскиот Стејт департмент“, истакнуваат од компанијата.

Во понеделникот беше објавено дека офицери на ФСБ го уапсиле американскиот државјанин во текот на „изведување шпионска операција“.За делото за коешто е осомничен, на американскиот државјанин му се заканува казна затвор меѓу 10 и 20 години затвор.

Во меѓувреме од американскиот Стејт департмент потврдија дека руското Министерство за надворешни работи ги известило за притворањето на американскиот државјанин во Москва. Од таму одбиле да дадат дополнителни поединости, повикувајќи се на доверливост и заштитата на приватноста.

Според братот на Вилан, уапсениот бил поранешен припадник на поморската пешадија, или на популарниот марински корпус, кој во Москва отпатувал на свадба на свој поренешен колега од маринците. Според братот, Пол Вилан многупати ја посетил Русија и често патувал во многу земји од деловни причини. „Во текот на последната посета, тој отпатува во Русија поради приватни а не за деловни причини“, рекол Дејвил Вилан.

Американската страна досега не потврди дека притворениот е Пол Вилан. Во соопштението на Стејт департментот во врска со случајот се наведува дека руската страна согласно Виенската конвенција треба да обезбеди конзуларен пристап до притворениот американски државјанин, но неговиот идентитет не се споменува. Амбасадата на САД во Москва, исто така, истакна дека „поради доверливоста во моментов тие не можат да обезбедат подетални информации“.

Руското министерство за надворешни работи, исто така, во понеделникот на барања од медиумите рече дека не може да даде повеќе поединости за апсењето и активностите на американскиот државјанин. Но истакнале дека за случајот навремено била информирана амбасадата на САД во Москва.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.