Американка на Божик си ги фрли двете деца од гаража, па самата скокна во смрт

Четириесетгодишна мајка на Божик ги фрлила своите две малолетни деца од 4 години и од 15 месеци од покривот на јавна гаража во Бостон, по што и самата се убила, соопшти обвинителството во четвртокот.

„Доказите сугерираат дека мајката Ерин Паскал се убила со скок од зграда, откако ги фрлила својата четиригодишна ќерка и петнаесетмесечниот син. Децата веројатно се убиени“, изјавила обвинителката на округот Сафолк, Рајчел Ролинс.

Паскал, нејзината ќерка Алисон и синот Ендрју живееле во бостонскиот кварт Вест Роксбери.

„Денеска е многу тажен ден, додека се обидуваме да ги сложиме деловите од трагедијата којашто се случи вчера, на Божик“, изјави Ролинс на прес-конференцијата во Бостон.

„Ваквите загуби ги откриваат невидливите борби со депресијата и другите психички заболувања со кои многу луѓе се соочуваат“, додаде обвинителката.

Истрагата е во тек, а засега не е пронајдено проштално писмо, ниту имало забелешки и пријави за однесувањето на мајката, рече Ролинс.

Гаражата во која се случило злосторството има девет ката и е споена со железничката станица во близина на кампусот на универзитетот Нортистерн.