Американска компанија мора на работник да му ја плати медицинската марихуана

Во пресудата, за којашто амриканските медиуми наведуваат дека може да има далекусежни последици, апелацискиот суд во Њу Џерси одлучил оваа седмица дека работодавач мора на свој поранешен работник да му ги надомести трошоците за медицинска марихуана која ја користи за ублажување на болките кои се резултат на повреда на работното место

„Ова е голема работа. Важноста на пресудата на овој суд не може да се потценува. Станува збор за преседан за програмата за надоместување на трошоците за лекување и во другите сојузни држави, како и кај приватните здравствени осигурители“, изјавил за медиумите Стив Шејн, адвокат специјализиран за правото поврзано со марихуаната.

Винсент Хагер имал 28-години во 2001 година кога камион-мешалка истурил врз него цемент. Поради оштетувања на нервите и операција на ‘рбетот станал неспособен за работа, според судските документи. Неговиот работодавач, градежната компанија „M&K Construction“ 15 години одбивал да му ги плати трошоците на лекувањето.

Во меѓувреме Хагер станал зависен од аналгетици со опијатско дејствување, па лекарот го советувал од „оксиконтин“ и „валиум“ да се „симне“ со помош на медицинската марихуана. Хагер конечно престанал да ги користи споменатите силни лекови. Тој секои 30 дена зема 56 грама марихуана, на што месечно троши 616 долари.

Трошоците за медицинската марихуана вообичаено не се покриени со здравственото осигурување, бидејќи американската Агенција за лекови и храна смета дека од неа нема медицинска полза, и покрај тоа што во 33 сојузни држава е легализирана за лекување на некои болести.