Американската надворешна политика по изборите од 4 Ноември

По последниве избори во САД, кои се оддржаа на 4 ноември оваа година, Претседателот Барак Обама се наоѓа во прилично незавидна, но очекувана позиција. Тој мора да управува со извршната власт, без да може да смета на целосната поддршка на Претставничкиот дом и Сенатот, односно без поддршката на Конгресот. Оваа конкретна состојба предизвикува специфична форма на импликации врз надворешната политика на САД, и оттука и на глобалните текови. Предизвиците кои остануваат пред администрацијата на Обама во наредните две години на индиректен начин може да имаат големо влијание и врз нашата земја.

Претпоставувам дека меѓу оние кои најблиску ја следат политичката состојба во САД е и Претседателот на Иран, Хасан Рухани, особено бидејќи неговата земја активно преговара во рамките на P5+1 групата (која ги вклучува САД, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Русија и Кина) околу возможните аранжмани за прекин на нуклеарната програма во неговата земја. Единствениот мотив за таквиот прекин би било укинувањето на меѓународните мултилатерални и билатерални санкции врз Иран, а кои се силно поддржани од  западните земји. Сепак, за било која отстапка да биде направена и прифатена од страна на САД истата мора да помине и преку Конгресот – прашање околу кое администрацијата на Обама тешко ќе успее да обезбеди соодветно мнозиство, посебно ако се следат претходните гледишта на закондавното тело на САД во однос на  ова прашање. Оттука, ваквиот развој на настаните возможно е да го компромитира целиот преговарачки процес, особено бидејќи е тешко да се предвиди, дали Иран би се согласил на отстапки за договор, околу кој извршната власт во САД не би можела да го гарантира неговото прифаќање и спроведување.

Од друга страна, по прогласувањето на изборните резултати во САД, повеќе од очекувано е задоволството на Премиерот на Израел. Во наведената насока јавна тајна е дека лидерот на Израел и Претседателот на САД веќе еден подолг временски период немаат идилични односи, што најчесто се потврдува преку нивните јавно спротивставени изјави и фактичко дејствување на теренот. Истите во овој момент можеби можат да се третираат како најлоши во историјата на постоењето на билатерални односи меѓу овие две земји. На крај би можело да се заклучи дека без оглед на силниот американски притисок поврзан со изградбата на нови еврејски населби во Ерусалим и Западниот брег, и (ин)директните закани за повлекување на американското вето во ООН за прашања кои се од витално значење за Израел, сепак односите помеѓу овие два стратешки партнери остануваат на задоволително ниво.

Промената на силите во американскиот законодавен дом би требало да изврши соодветно влијание и врз американската политика поврзана со тековните случувања во Сирија. Имено, раководството на Републиканската Партија активно лобираше за зголемено вмешување во Сирија, а на тоа треба да се додаде и фактот дека Сенаторот Џон Меккејн и Сенаторот Боб Коркер највероватно ќе ги преземат Комисијата за Воени Служби и Комисијата за надворешна политика во Сенатот, што автоматски ќе значи очекување за зголемен притисок кон администрацијата и преземање на поактивини мерки на САД во Сирија.

Единствената придобивка што може да ја очекува Претседателот Обама од овие изборни резултати, на полето на надорешната политика, е олеснување во процесот на преговарање на Договори за слободна трговија. Во овој момент, два такви договори се од клучно значење за САД,  и тоа,  Договорот за слободна трговија со земјите од Пацификот, кој вклчува 11 земји, како и Договорот за слободна трговија со Европската Унија. Факт е дека либералните струји во Демократска Партија во одредени моменти се противеа на специфични одредби во таквите договори, и оттука со овој изборен резултат истата препрека повеќе не постои за Претседателот Обама.

Како граѓанин на глобалната заедница чувствувам дека овие изборни резултати постепено ќе влијаат кон промената на надворешно политичката платформа на САД, а би можеле да имаат одредено влијание и врз целокупните гео – политички и економски односи во светот, меѓутоа и врз начинот на позиционирање на поголем број држави.

Како граѓанин на Република Македонија си го поставувам прашањето околу тоа, како и дали воопшто овие резултати ќе имаат влијание и врз нашата држава. На ова прашање барем засега е прерано да се даде финален и прецизен одговор.

Сепак би сакал да констатирам дека очигледните промени во составот на двата дома на Конгресот на САД не се очекува да имаат влијание врз цврсто изградените стратешки надворешно политички цели на Република Македонија, кои остануваат идентични и насочени кон потврдување на високиот степен на одговорност во рамките на  надворешно политичката и безбедносна сцена. Во наведената насока изразуваме надеж  дека и новиот распоред на политичките сили во САД ќе биде само нова можност за дополнителна валоризација на нашиот долготраен придонес кон мирот и безбедноста во  Авганистан и Ирак, нашата силна определба во рамките на мултилатералните институции и во процесот на афимирање и издигнување на човековите права и меѓународното право. Стратешко партнерство со САД останува клучно и секако во обостран интерес на двете држави, како и за мирот, стабилноста и просперитетот во  Европа и пошироко.

Авторот е докторант и соработник на Правниот факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје