Американски функционери патуваат на Блискиот исток на разговори за прекин на огнот

Високи американски функционери, вклучително и директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA), Вилијам Барнс, и претставниците на вашингтонската администрација Брет Мекгурк и Амос Хохштајн, ќе ги посетат Египет и Израел во четврток, потврди Белата куќа, додека САД се обидуваат да ги смири тензиите во регионот.

Командантот на американската централна команда CENTCOM, генералот на американската армија Ерик Курила, исто така, е во регионот и ќе го посети Израел како дел од напорите на САД да преговараат за Иран, Либан и ослободување на заложниците во Газа, изјави на брифингот за новинарите во средата портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Тоа е најновиот дипломатски притисок чија цел е да се стави крај на непријателствата меѓу Израел и либанската шиитска вооружена групација Хезболах.

Во врска со потенцијалот за прекин на огнот во следната седмица или две, Жан-Пјер рече дека Белата куќа и натаму се надева на дипломатско решение и е посветена на тоа, без да даде други индиции за преговорите.
„Секако дека ќе бидеме оптимисти“, рече таа на редовната дневна прес-конференција.

Портпаролката додаде дека САД разговараат со израелската влада за забраната на агенцијата на ОН за палестински бегалци UNRWA во Израел, која беше изгласана во израелскиот парламент, и дека администрацијата на Бајден е загрижена за секое законодавство што може да ја прекине работата на агенцијата.