Американски функционери во Северна Кореја вршат подготовки за самитот

Aмерикански функционери влегле во севернокорејскиот дел од Демилитаризираната зона меѓу Северна и Јужна Кореја за да разговараат за можниот самит откако американскиот претседател Доналд Трамп ненадејно го откажа, а два дена потоа севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун повторно навести дека сака да се сретне со Трамп.

Американските функционери од Јужна Кореја преминале во Северна Кореја предводени од експертот на Стејт департментот, Сунг Ким, пишува весникот The Washington Post. Сунг Ким во моментов ја врши должноста американски амбасадор на Филипини, додека претходно беше амбасадор во Сеул и специјален пратеник за политиката кон Северна Кореја.

„Работиме многу добро во смисла на самитот со Северна Кореја. Тоа се движи многу убаво, така да сметаме на 12-ти јуни во Сингапур, тоа не е променето“, изјави Трамп во саботата во Белата куќа откако во четвртокот го откажа состанокот со Ким а во петокот рече дека средбата на врвот сепак би можела да се одржи.

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин претходно во неделата изјави дека очекува дека наскоро ќе започнат „практичните разговори“ меѓу Пјонгјанг и Вашингтон. Ден претходно тој и Ким Џонг-ун ненадејно се сретнаа во саботата и се согласија дека самитот меѓу Северна Кореја и САД мора да се одржи.

Според пишувањето на The Washington Post, разговорите меѓу американската и севернокорејската страна за подготовките на самитот ќе продолжат во понеделник и вторник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.