Американски компании тестираат оружја во Украина, потврдиле од Киев

Украинскиот заменик министер за одбрана, Володомир Хаврилов, изјави дека американски компании од воено-индустрискиот сектор може да ја искористат војната во Украина за тестирање на своите пилот-проекти, а голем број од нив веќе го прават тоа, пишува американското издание Military Times.

„Тактиките за мобилност, напредната технологија и менталитетот за фиксирање на проблемите на бојното поле укажуваат на успехот на Украина во борбата против руската инвазија. Но, одржливиот успех е во сенката на делумната руска воена мобилизација објавена во средата и значи дека на украинските сили им треба повеќе и подобра обука, оружје и муниција, особено како што се приближува зимата, според украинските лидери“ се наведува во написот.

Се додава дека пензионираниот генерал-мајор Хаврилов преземал конкретни чекори на поврзувањето на потребата на Украина од сѐ повеќе оружје и американскиот воено-индустриски сектор на годишната конференција во Остин на одбранбениот сектор посветен на идните генерации оружја.

„Ако имате некои идеи или некои пилот-проекти кои треба да се тестираат пред масовното производство, можете да ни ги испратите и ние ќе ви образложиме како ќе го сториме тоа. И на крајот ќе ја добиете потврдата, докажано со војната во Украина. Лесно ќе ги продадете“, го цитира Military Times украинскиот одбранбен функционер.

Во написот се додава дека украинскиот земник-министер Хаврилов напомнал дека тоа веќе на украинското боиште го прават некои американски компании, кои испорачуваат прототипови на системи, особени технологии против беспилотните летала.

„И се враќаат со производ кој е конкурентен на пазарот, бидејќи е тестиран во борбени дејствија“, додал Хаврилов.

Се потсетува дека уште во јули украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников изјавил дека неговата земја станала „полигон за тестирање“ и ги повика западните производители на оружје да ги тестираат своите нови производи во војната против Русија. Помошникот на генералниот секретар на НАТО, Дејвид ван Вил, тогаш потврди дека сојузот го користи конфликтот во Украина за да ги идентификува можностите за воведување високи технологии во одбранбениот сектор.