12.9 C
Skopje
среда, ноември 13, 2019

Американски копанчиња и крилца, наместо гасовод и брза пруга

527
страшо ангеловски

Пред повеќе од 150 години првиот канцелар на Германија, Ото Фон Бизмарк, изјавува дека оној кој ја контролира вардарската долина ја контролира портата на Европа, а со тоа и самата Европа.

Оттогаш до денес многу вода протече низ Вардар, а сите геостратегиски планови и доктрини на големите светски сили се темелат токму на искажувањето на Бизмарк. Балкански и светски војни се водеа за да се контролира токму вадарската долина, држави се создаваа и уништуваа, народи страдаа и гинеа…

Втемелена на зборовите на Бизмарк е и геостратегиската доктрина на САД, која е стара повеќе од четири децении, а која е подготвена од човекот кој најмногу од се’ на светот ги мразеше Русија и православието – Американецот со полско потекло, Збигњев Бжежински. Човекот, според чија доктрина, а токму заради омразата кон Русија и православието, во времето на американскиот претседател Џими Картер, администрацијата на САД ги создава првите тешко вооружени ќелии на радикалниот ислам во Авганистан.

Според неговата геостратегиска доктрина, а со голема помош на тогашниот папа Јован Павле Втори, сонародник на Бжежински, Полјак по потеко, преку создавањето на „Солидарност“ во Гдањск, започнува процесот на „демократизација“ на источноевропските држави, заради демонтажа на Варшавскиот пакт. Според неговата доктрина, доаѓа до распадот на Советскиот Сојуз и уривање на берлинскиот ѕид. И сето тоа со една цел – да се уништат Русија и праволавието. Совпаѓањето на геостратегиската доктрина на Бжежински со интересите на Ватикан, за историска средба на исламот и католицизмот, повторно јасно се согледуваат триесеттина години подоцна кога заеднички пристапуваат кон уривање на легитимната власт во Украина и инсталирање на неспособна, корумпирана, но, послушна власт, која од Украина за кусо време направи нефункционална држава.

Но, она што е уште поинтересно за нас овде на Балканите е податокот дека токму според неговата доктрина изградена врз искажаното од Бизмарк е започнато уништувањето на СФРЈ, со користење на највредната, а за Бжежински најевтината алатка – човечките животи и судбини. Во случајот со Балканот, според доктрината на Бжежински, за американска контрола врз вардарската долина, или портата на Европа, еве веќе повеќе од триесет години се користи еден цел народ – албанскиот, посебно неговиот исламизиран дел, кој во речиси сто проценти живее на Косово и Метохија и во северозападниотдел на Македонија. Така, последниве години, она што и’ се случи на Украина, и се случува и на Република Македонија, каде преку исламизација на државата, која се совпаѓа со процесот на албанизација на дел од македонските територии и искористувањето корумпирани и послушни политичари од македонскиот и албанскиот политички блок, насилно се инсталира власт, која Република Македонија за многу кусо време од година и половина ја направи нефункционална држава.

Верувам дeка секому му станува повеќе од јасно дека нефункционалните држави се идеални за да се држат во постојано полуропство кон оној кој им ја инсталирал власта, а народот во постојан страв од можен распад на ваквата нефункционална држава, што за жал се покажува како сурова реалност и во случајот на Украина и на Македонија.

ЗОШТО МОРАШЕ ДА БИДЕ УРНАТ ГРУЕВСКИ ?

Никола Груевски, како и секој кој се занимава со политика, а Македонија ја замислил како суверена и богата држава, тргнувајќи од зборовите на Бизмарк, а длабоко уверен дека влезот во ЕУ и НАТО самиот по себе не може од Република Македонија да направи суверена и богата држава, што впрочем не направи ни од Бугарија и Романија, ниту после 12 години, во својата економска програма јасно и недвосмислено се залагаше за довршување на коридорот 10, коридорот север – југ. Но, не само со автопатската делница, туку и негово надградување со брзата пруга, како кинеска инвестиција, и гасоводот, како руско – турска – средноевропска инвестиција. Две нешта со кои коридорот 10 ќе станеше главната артерија на европскиот крвоток, Република Македонија ќе имаше непроценлива корист. Непроценлива од повеќе аспекти – директна економска корист од транзитирањето на гасот и брзиот железнички товарен транспорт, индиректна од најразлични пратечки финасиски придобивки, и политичка придобивка од прераснувањето на Балканот од буре барут во регион на политички и економски мир, стабилност и просперитет. Во таква ситуација, американското вијание ќе беше минорно, а земјите од западен Балкн многу, многу побрзо ќе ги достигнеа европските економски стандарди, а со тоа најверојатно и политичките и реформаторските. Па ЕУ многу побрзо ќе се заокружеше во далеку помоќен од денес, Сојуз на суверени европски држави.

Жално, но вистинито – Груевски беше насилно урнат за да се сопрат овие процеси на развој и засилен суверенитет. Земјите од западен Балкан да останат во канџите на сиромаштијата и невработеноста, како перманентен генератор на кризи и немири, а заради зачувување и засилување на американското влијание.

МАКЕДОНИЈА – СЛЕПО ЦРЕВО НА БАЛКАНОТ

За жал, согледувајќи ја суровата реалност дека американската контрола врз вардарската долина ќе се одвива преку натамошната експанзија на големоалбанската политика, инвеститорите на двата проекта од непроценливо значење, но и државите животно заинтересирани за нивна реализација, Русија, Кина,Турција, но и Грција, Бугарија, Романија и Србија, летово потпишаа договор за поместување на коридорот 10 стотина километри источно од неговиот природен пат, вардарската долина. Така, тој ќе седвижи од Солун преку Кулата, кресненската клисура до Софија, а оттаму еден крак кон Букурешт, а другиот преку Белград до Будимпешта и Виена. Со тоа инвеститорите ги заштитуваат проектите од несакани ситуации кои веќе се навестуваат со, на пример, незаконското создавање косовска армија, како алатка за нова дестабилизација на Балканот, а заинтересираните држави како Бугарија и Романија неочекувано добиваат нов сериозен двигател на нивниот развој. Со тоа, Република Македонија е целосно бајпасирана и заобиколена од патот на надежта и станува целосно слепо црево на Балканот. Република Македонија заради слепо зачувување на американските национални интереси да ја контролираат вардарската долина, која со поместувањето на проектите стотина километри источно од неа ќе стане геостратегиски безвредна, се отажува од заштита на сопствените национални интереси. Се откажува од изградбата на двата проекти од животна важност и за земји многу поголеми и побогати од нашата.

И додека другите ќе црпат стотици милиони евра од транзитот на гас низ гасоводот и стока по брзата пруга, ние ќе јадеме пржени американски копанчиња и крилца во најголемата инвестиција во државава во последнава година и половина. Нека ни е наздравје.
На крајот, како заклучок. Не верувам дека постои човек со здрав разум кој не сака и не може да го разбере ова. Единствено корумпираните политичари инсталирани на власт и скапо платени од американската администрација, нивните медиумски мегафони и многуте човек – организација наменски формирани невладини организации не убедуваат во спротивното и работејќи за туѓи интереси ја одвлекоа Македонија од патот на надежта и ја водат кон економско пропаѓање. Зашто, секој што ќе вети економска благосостојба без големи европски проекти, едноставно – лаже. А, за жал, американските национални интереси и личните интереси на еден грст корумпирани политичари, галопирачки ја уништуваат иднината на идните генерации. Кој ќе преживее, ќе биде сведок на напишаново. За жал, сведок на македонското пропаѓање.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.