Американски пратеници го обвинуваат саудискиот принц за убиството на Кашоги

Американски пратеници во неделата го обвинија саудискиот принц Мохамед бин Салман дека го наредил убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го задржа попретпазливиот став кон стратешкиот сојузник на САД на Блискиот исток со кој Вашингтон има огромно договори за извоз на оружје.

„Дали мислам дека го сторил тоа? Да, мислам дека да“, изјави републиканскиот сенатор Боб Коркер, влијателен претедател на Комитетот за надворешни работи на Сенатот во разговорот за телевизијата CNN.

Коркер изјави дека го чека завршувањето на истрагата, и изрази надеж дека Турција ќе ги сподели аудио снимките од убиството на новинарот Џамал Кашоги, кој од 2017 година живееше во егзил во САД, во саудискиот конзулат во Истанбул на 2-ри ноември. Сенаторот јасно рече дека верува оти убиството го режирал престолонаследникот. „Претпоставувам дека на крајот САД и остатокот од светот ќе сфатат дека тој го сторил тоа“, рече Коркер.

И повеќе други републиканци, како и демократите во Конгресот изразуваат нестрпливост конечно да се добијат одговорите од Ријад, За Коркер, Саудијците ја загубиле „секоја веродостојност“, а неговиот колега, републиканскиот сенатор Бен Сасс рече дека тие мора „многу нешта да објаснат“. Сенаторот Дин Дарбин вели дека верува оти „принцот има свои отпечатоци во сево ова“.

Џамал Кашоги влегол на 2-ри октомври во саудискиот конзулат во Истанбул за да собере документи коишто му биле потребни за венчавка со турска државјанка. Таа повеќе од десет часа го чекала пред дипломатската мисија, и откако не излегол исчезнувањето го пријавила во полиција. Саудиска Арабија упорно ги одбиваше тврдењата на Турција дека Кашоги е убиен во конзулатот, уверувајќи дека тој си заминал од таму, но по две седмици призна дека новинарот кој беше колумнист на The Washington Post умрел во конзулатот по борба со лица со кои таму се сретнал. Западот, кој инаку досега многу млако реагираше на егзекуцијата на новинарот, изразува сомневање во ваквото објаснување на Ријад.