Американски процени: Поголем дел од руските сили се повлекол од Харков и Украина

САД проценуваат дека Русија во „поголема мера“ ја напуштале освоената територија во близина на градот Харков и дека голем број руски војници ја напуштиле Украина минувајќи ја руската граница, изјавил во вторникот виш американски воен функционер.

„Севкупно проценуваме дека Украинците напредуваат додека се борат да ослободат и повторно да ја заземат територијата на југот и истокот. На теренот во близина на Харков проценуваме дека руските сили во поголема мера ја препуштиле освоената територија на Украинците и дека се повлекле на север и исток. Многу од овие сили преминале преку границата во Русија“, го цитира агенцијата Reuters американскиот извор кој брифирал група новинари вообичаено под услов да биде анонимен.

Руското министерство минатата седмица објави дека ги повлекува руските трупи од областа на Харков, пореди прегрупирање на единиците и опасноста некои од нив да останат во опколување, откако украинските сили тргнаа во офанзива.

Извори од проруските сепаратисти во Украина тврдат дека противофанзивата ја изведуваат главно странски платеници од кои многумина до неодамна редовни војници во западните војски и во прилог на таквите тврдења приложуваат видео-снимки објавени на социјалните мрежи.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски во понеделникот вечерта објави дека украинските сили во септември повратиле под своја контрола 6.000 квадратни километри територија.

Руското Министерство за одбрана во неделата објави дека само во периодот од 6-ти до 10-ти септември на споменатото боиште кај Николаев-Кривиј Рог и во Харковскиот регион во противофанзивата на Киев загинале повеќе од 4.000 украински војници, а во понеделникот објави за уште 300 загинати украински борци и повеќе од илјада ранети. Во Изјум, пак, во кој влегоа украинските единици, според истиот извор, убиени се до 250 украински и странски борци.

Генералштабот на украинската армија, пак, објави дека досега нивните единици заземале повеќе од 20 населби и оти „продолжува брзото“ напредување кон истокот.