Американски воен брод пресретна проектили истрелани од Јемен

Воен брод на американската морнарица пресретна проектили и беспилотни летала лансирани од Јемен од движењето Хути, поврзано со Иран, соопштија американски официјални лица.

Портпаролот на Пентагон рече дека ракетите биле лансирани „потенцијално кон цели во Израел“.

Разурнувачот УСС Карни оперирал во четвртокот во северниот дел на Црвеното Море.

Пентагон соопшти и дека американските трупи во Ирак и Сирија биле неколкупати нападнати во последните денови.

Вашингтон е во состојба на готовност за активностите на групите поддржани од Иран, додека Израел продолжува да напаѓа цели на Хамас во Газа.

Патрик Рајдер, претставник на Пентагон, рече дека биле соборени три крстаречки ракети и неколку беспилотни летала истрелани од Јемен.

Во инцидентот нема повредени, а американски официјален претставник изјави дека се чини дека воениот брод не бил цел.

„Не можеме со сигурност да кажеме кои биле целите на овие проектили и беспилотни летала, но тие беа лансирани од Јемен, на север по Црвеното Море, потенцијално кон цели во Израел“, им рече тој на новинарите.

Рајдер додаде дека информациите за инцидентот „сè уште се обработуваат“ и дека нападот можеби е „во тек“.

„Нашиот одбранбен одговор беше оној што ќе го преземеме за каква било слична закана против нашиот народ и нашите партнери во регионот“, рече тој.

Во Ирак, беспилотни летала и проектили беа лансирани во неколку бази каде се стационирани американските и другите меѓународни сили, соопшти Пентагон.

Во еден од нападите се повредени „мал број војници“.

Ирачките милитантни групи ги предупредија САД да не ги поддржуваат израелските акции против Хамас во Газа.

Во средата со дрон беа нападнати и американските сили во Сирија, при што имаше полесни повреди, а беше соборен уште еден дрон.

„Нема да предвидувам потенцијални одговори на овие напади, но ќе кажам дека ќе преземеме сѐ што е неопходно за да ги одбраниме американските сили и силите на нашите партнери од каква било закана“, рече Рајдер.

На Блискиот Исток има неколку американски бази со воени бродови, војници и борбени авиони.

Минатата недела, САД испратија два носачи на авиони на Блискиот Исток, со околу 2.000 маринци и бродови за поддршка.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.