Американскиот амбасадор се сретна со Курти во седиштето на Самоопределување

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, чија партија победи на неделните вонредни парламентарни избори, се сретна денеска со амбасадорот на Соединетите американски држави во Косово, Филип Коснет, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на ВВ се вели дека на средбата во партиското седиште Коснет изразил задоволство поради добриот тек на изборниот процеси и високиот одзив на граѓаните.

– На пријателската средба, амбасадорот Коснет изрази задоволство поради добриот тек на изборниот процес и високиот одзив на граѓаните и му честита на Курти за кампањата во која ги изложи грижите на граѓаните. Тој изрази посебен интерес за напредок во борбата против корупцијата, за економијата и за напредување во дијалогот со Србија, во правец на постигнување сеопфатен договор кој би донел стабилност и опстоен мир во регионот, објави ВВ.

Во соопштението се наведува дека Курти му дал уверување на американскиот амбасадор дека ќе биде премиер за сите граѓани на Косово, а дека дијалогот ќе го започне со косовските Срби.

– Тој го запозна амбасадорот дека внатрешната консолидација на Косово со демократска државотворност, владеење на законот, економски развој и општествен прогрес се приоритети кои ќе ги спроведе, бидејќи и потребите на граѓаните и нивната волја изразена на овие избори беа за тоа. Претседателот Курти рече дека  дијалогот ќе почне со косовските Срби од долу кон горе за развој и интеграција на Србите уште во првата недела, се вели во соопштението.

Лидерот на ВВ на средбата со американскиот амбасадор рече дека во првиот месец од формирањето на новата влада е потребна средба со новиот комесар за безбедност и надворешна политика на Европската унија, Јосеп Борел, „како дијалог со Брисел за дијалогот со Србија“.

– Дијалогот со Србија треба да биде добро подготвен и со јасни принципи. Претходно треба да се затвори поглавјето 33 од претходните договори, односно вреднувањето на нивната спроведеност и на нивното влијание. Не треба да доцниме, но немаме ни зошто да брзаме и да правиме грешки кои подоцна ќе не чинат, го цитира ВВ својот лидер, по средбата со американскиот амбасадор во приштина.