Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат, во кој мнозинството го имаат демократите, поддржа нацрт-закон со кој државниот секретар има право да реши дали Русија е земја спонзор на тероризмот, изјави во средата денеска портпаролката на комитетот, Сузан Рес.
Покрај тоа, државниот секретaр треба да одлучи дали руските вооружени формации во источна Украина се „странски терористички организации“.
За време на сослушувањето одржано на почетокот од декември, американскиот заменик државен секретар Дејвид Хајл истакна дека американскиот Стејт департмент не смета дека Русија е држава спонзон на тероризмот и оти треба да биде ставена во оваа листа. Според него, САД мора да признаат дека и самата Русија е жртва на терористички напади.
Предлог-законот ќе стапи во сила по изгласување во двата дома на американскиот Конгрес, а потоа треба да биде потпишан од претседателот на САД. Ако предлог-законот биде одобрен од Конгресот, државниот секретар треба во рок од три месеца да донесе одлука.
Во списокот земји спонзори на тероризмот засега се Иран, Северна Кореја, Сирија и Судан. Меѓу другото, санкциите за овие земји предвидуваат ембарго за продажба на оружје и блокирање на работата на банките со партнери од други земји. Сите држави и ентитети кои склучуваат трговски договори со тие земји можат да бидат санкционирани.
Вашингтон размислува да ја додаде и Русија во списокот на земји спонзори на тероризмот уште од времето на поранешниот демократски претседател Барак Обама, откако Москва започна воената операција во Сирија која доведе до голем пресврт во полза на силите на претседателот Башар ал-Асад и зададе големи удари врз џихадистичките групации како Џабхат ан-Нусра и Исламската дражава.