Американскиот Сенат со резолуција ќе ја осуди Русија поради прогонот на дисидентите

19

Американскиот Сенат деновиве ќе усвои резолуција за осуда на Русија за многубројните случаи на кривичен прогон и затворски казни поради искажување политички ставови.

Резолуцијата доаѓа на петгодишнина од убиството на Борис Немцов, поранешен руски вице-премиер и лидер на опозицијата. Документот е подготвен од Бен Кардин, сенатор демократ од Мериленд и неговиот колега Марко Рубио, републиканец од Флорида.

-Дрското убиство на Борис Немцов е потсетување дека сите слободни луѓе треба да се против оние кои ги порекнуваат основните човекови права и слободи. Немцов, кој повеќе пати лежеше затвор, беше пример за храброст и загина во заштита на елементарните права на своите согрѓани, изјави Кардин, автор на Глобалниот закон Магницки.

-Денеска стоиме рамо до рамо со неправедно затворените во руските затвори. Повикуваме сите политичките затвореници, фрлени зад решетки во заобиколување на меѓунардното право, да бидат ослободени. Треба да ги осудиме нарушените човекови права во Русија, и треба да ги казниме сите одговорни за тоа, додаде сенаторот.

Годинава, на 28 јануари, слична резолуција беше поднесена и од 43 парламентарци на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која порачува да се назначи репортер на советот „за истражување на растечката криза со политички мотивираните затворски казни во Руската Федерација“.

Според невладината организација „Меморијал“, од 2015 година до сега бројот на политички затвореници во Русија се зголемил за шест пати или 404 лица, од кои 156 се политички затвореници, а останатите се поединци затворени поради верски причини.

Во меѓувреме, денеска, амбасадата на САД во Москва повика руските власти да ги изнесат пред лицета на правдата организаторите на убиството на Немцов. Претставници на амбасадата денеска положија свежо цвеќе на местото на убиството на опозиционерот на Бољшои москворецки мост, веднаш до Црвениот плоштад.

Немцов, се сметаше за еден од најсилните критичари на претседателот на Русија, Владимир Путин, беше застрелан в грб од чеченски напаѓач во 2015 година. Немцов тогаш работел на извештајот за вмешаноста на Русија во украинскиот конфликт.

Непосредните напаѓачи беа пронајдени и во 2017 година осудени на затворски казни во должина од 11 до 19 години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.