Американскиот Врховен суд пресуди против геј-двојка

Врховниот суд на САД пресуди во полза на слаткарот од Колорадо кој одбил да направи свадбена торта за хомосексуална двојка во 2012 година, пренесува Си-Ен-Ен.

Државниот суд на Колорадо претходно заклучи дека одлуката на Џек Филипс да ги одбие Дејвид Малинс и Чарли Крег била незаконска дискриминација. Врховниот суд со 7:2 во гласови одлучи дека првата пресуда претставува кршење на правата на Филипс.

Филипс ги навел своите верски убедувања кога ја одбил услугата.

Конзервативниот христијанин тврдел дека „креативните уметници“ имаат право да одлучат што ќе продаваат.

Мнозинскиот став на Врховниот суд бил дека случајот со тортата е „поучен пример“ за „примената на уставните слободи во нови контексти“.

Колорадо е една од 22-те држави што ја вклопија сексуалната ориентација во својот закон против дискриминацијата, што им овозможило на Крег и Малинс да го добијат својот случај пред Комисијата за граѓански права на државата.

Групите за правата на хомосексуалците сметаат дека оваа пресуда може да постави преседан со кој геј браковите би се третирале поразлично од хетеросексуалните заедници, но Врховниот суд објави дека таа се однесува само на случајот на Филипс.

Според судот, оваа пресуда не значи дека цвеќари, фотографи и други служби сега можат да одбијат да работат со геј двојки.