Американските разузнавачи се сомневаат на мешање на Иран и Русија во изборите во САД

Директорот на американската Национална разузнавачка служба која покрива речиси дваесетина разузнавачки агенции, Џон Ратклиф, изјави дека Иран и Русија наводно се обиделе да се вмешаат во американските претседателски избори кои ќе се одржат на 3-ти ноември.

Џон Ратклиф ова го изјави на ненадејно организираната прес-конференција во средата на која учествуваше и директорот на Федералното биро за истраги (FBI), Крис Вреј.

На прес-конференцијата беше искажано стравувањето, на помалку од две седмици пред изборите, дека странски актери наводно се обидуваат да ја поткопаат довербата на Американците во резултатите од изборите и да шират дезинформации за да влијаат врз резултатите.

„Би сакале да ја предупредиме јавноста дека утврдивме оти двајца странски актери, Иран и Русија, преземаа конкретни активност за да влијаат врз јавното мислење во врска со нашите избори (…) Потврдивме дека Иран и, покрај него, Русија, одвоено добиле некои информации за регистрираните гласачи“, рече Ратклиф, републиканец кој на чело на Националната разузнавачка служба дојде пред пет месеци.

Поголемиот дел од информациите за регистрацијата на гласачите е јавен. Шефот на националното разузнавање истакна, пак, дека тие информации може да се искористат за да се создадат сомнежи кај граѓаните со право на глас, и да „посеат хаос и да го нарушат кредибилитетот на изборите“.

Според Ратклиф владините функционери веќе регистирале дека „Иран испраќа лажни електронски адреси создадени за да ги заплаши гласачите, да поттикне социјални немири и да му наштети на претседателот (Доналд) Трамп“.

Ратклиф алудираше на електронската пошта испратена во средата, за којашто кибернетичките стручњаци рекоа дека е лажирана да изгледа како да е испратена од групата „ Proud Boys“, крајно десничарска групација која го поддржува претседателот Доналд Трамп.

Исто така, го обвини Иран за дистрибуирање на видеоснимката со изборна измама, и таа снимка, како што рече Ратклиф, не е веродостојна. Видеоснимката дистрибуирана во споменатата електронска пошта покажувала како може да се лажира испраќањето на гласачките ливчиња, што американските стручњаци за гласањето во меѓувреме го отфрлија како наводно невозможно, а Ретклиф рече дека тоа не е веродостојно.

„Станува збор за очајнички потези од страна на очајни противници“, додаде Ратклиф.

Американските разузнавачки агенции пред неколку месеци известија дека се забележани кибернетички активности од страна на Иран и Кина со цел да му наштетат на републиканскиот кандидат на претедателските избори, додека активностите на мешањето на Русија се насочени во полза на Трамп.

Портпаролот на иранската мисија при Обединетите нации во Њујорк ги отфрли тврдењата на Ратклиф.

„Иран нема интерес да се меша во американските избори и не навива за некој резултат“, изјави Алиреза Мирјусефи.

Челникот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, кој е упатен во доверливите информации за безбедноста на изборите, не се согласува со Ратклиф дека Иран го фаворизира демократскиот кандидат Џо Бајден.

„Мене ми е јасно дека всушност намерата на Иран во овој, и на Русија во многу други случаи, е поткопување на довербата во нашите избори. Не верувам дека таа активност е насочена на дикредитирањето на претседателот Трамп“, рече Шумер во разговорот за мрежата MSNBC.

Ратклиф, пак, во текот на прес-конференијата призна дека активности како иранските не се забележани од страна на Русија, но смета дека руските служби сепак добиле „некои информации за гласачите, како и во 2016 година“.

„Бидете убедени дека сме подготвени за можни дејствија од страна на овие земји, непријателски за демократијата“, истакна Ратклиф и порача дека САД „нема да толерираат“ мешање во изборите и оти се подготвени „да ги натераат оние коишто ќе го сторат тоа да платат висока цена“.

Портпаролот на Белата куќа, Џад Дир, изјави дека претседателот Доналд Трамп им наредил на владините агенции „проактивно да ги надгледуваат и спречат секаквите обиди за мешање во американските избори“, како и дека со „добрата работа на агенциите“ се спречени „обидите на американските непријатели да се поткопа изборниот процес“.

Американските медиуми од свои извори наведуваат дека споменатата сомнителна електронска пошта се истражува, а еден разузнавачки извор кој не сакал да биде именуван, тврдел дека сѐ уште не се знае кој стои зад неа, очигледно имајќи ги предвид обвинувањата за Иран дека го преферира изборот на Бајден.

Друг извор открива дека американските служби истражуваат дали Иран ја хакирал мрежата или интернетската страница на групата „Proud Boys“ за да ги дистрибуира спорните материјали. Тој извор тврдел дека американските функционери се сомневаат на иранската влада, но дека сѐ уште немале цврсти докази. Такви впрочем никогаш не беа презентирани и при тврдењата на демократите дека Русија ги хакирала серверите на Демократската партија за во 2016-та да му помогне на Трамп да ја победи Хилари Клинтон.