Американското министерство за правда го блокира преземањето од AT&T на Time Warner

Американското министерство за правда поднесе тужба за да го спречи телекомуникацискиот гигант AT&T да ја преземе медиумската компанија „Time Warner“, меѓу другото, и сопственик на телевизиските канали CNN и HBO.

Министерството смета дека спојувањето би ја нарушило конкуренцијата и би довело до зголемени цени за потрошувачите, додека од AT&T порачаа дека ќе се борат против овој потег, нарекувајќи го радикално отстапување од практиката во заштита на пазарното натпреварување во САД.

Извршниот директор AT&T, Рандал Стефенсон, изјави во вторникот дека аквизицијата донеодамна била на добар пат да биде реализирана, притоа изразувајќи загриженоста поради можното политичко влијание.

Американскиот претседател Доналд Трмп приговараше за овој договори уште во текот на својата претседателска кампања минатата година, што сега од AT&T го користат за создавање контроверзии. Трамп, инаку, е голем критичар на телевизијата CNN во сопственост на „Time Warner“, која отворено застана против него на претседателските избори во полза на демократската кандидатка Хилари Клинтон, и ја нарекува медиум кој шири лажни вести.

Стефенсон изјави дека било доста од нагаѓањето дали овие потези се поради CNN. „И навистина, не знам. Никој не би требало да биде изненаден доколку прашањата и нејаснотиите продолжат да се појавуваат“, додаде.

Во тужбата министерството за правда тврди дека аквизицијата би им наштетила на американските потрошувачи. Помошникот државен обвинител Макан Делрахим од одделот за заштита на пазарната конкуренција изјави дека тоа би значело поголеми месечни сметки за телевизија, и помалку нови иновативни опции кои потрошувачите ги уживаат.

Министерството за правда започна да го разгледува договорот откако беше објавен минатата 2016 година во времето на администрацијата на претходниот претседател Барак Обама, кога се проценуваше на повеќе од 85 милијарди долари.

Во тужбата на министерството се наведува дека спојувањето на AT&T би ѝ дало моќ да ги принуди конкурентските телевизиски куќи да платат „стотици милиони долари повеќе“ за содржината во сопственост на „Time Warner“. Наведуваат, исто така, дека таа комбинација би им нанела штета на појавата на новите интернетски телевизиски опции, негирајќи дека политичко влијание имало улога.

Од AT&T, пак, негираат дека аквизицијата би довела до повисоки цени, велејќи дека се подготвени да преговараат. Главниот советник во компанијата, Дејвид Мекејти, тврди дека тужбата на американското министерство за правда претставува радикално и необјасниво отстапување од долгогодишната практика во заштитата на пазарната конкуренција.

„Убедени сме дека судот ќе ги отфрли тврдењата на министерството и ќе дозволи спојување, согласно долгогодишната законска практика“, рече Мекејти.

Претходно, инаку, некои американски медиуми објавија дека министерството за правда вршело протисок врз AT&T да продаде одреден дел од својата сопственост, како услов за одобрување на аквизицијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.