Амнестија за сите, освен за организаторите и насилниците од 27-ми април

Предлог законот за амнестија којшто треба да го подготви собраниското тело за помирување најверојатно ќе значи слобода за обвинетите за 27-ми април кои не сториле насилен акт, додека оние кои се посочени како организатори и насилници ќе се соочат со правдата. Ова е заклучокот од денешната изјава на премиерот Зоран Заев по средбата со членовите на собраниското тело за помирување во петокот  во парламентот.

Детали за предлог законот засега нема, но Заев вели дека во законот неопходно ќе биде да се направи разлика помеѓу оние кои го организирале упадот во Собранието и извршиле насилство и ненасилните учесници во собраниските настани од 27-ми април лани. Не може сите да одговараат за тероризам, вели Заев.

„Сите може да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто кое треба да ги опфати сите и не навлегувам подетално само кажувам како пример дека имаме потреба да направиме јасна динстикција и разграничување. Секако, пораката на помирување и подадена рака мора да постои, но и пораката на неповторување на вакви работи исто така мора да постои“, изјави Заев по денешниот состанок во парламентот.

Заев вели постојат црвени линии кои не смеат да се минат и, според него, важно е да не се влијае на правосудниот систем. Предлог законското решение, Заев го очекува наскоро.

Пратениците кои побараа амнестија и го прифатија повикот на Заев за помирување велат дека се задоволни од денеска изнесените ставови на премиерот.

„Донесовме заклучок и дадовме рокови до вторник секоја од подгрупите да се состане да ги разгледаат своите области на делување да излезат со конкретни предлози и решенија секој во своите домени и конечно да дадеме една динамика на целиот процес, бидејќи сите знаеме дека сето ова е многу важно“, вели пратеничката Емилија Александрова која копретседава со телото за помирување.

Александров ја искористи приликата да го потсети премиерот Заев дека динамиката на донесувањето на закон за амнестија е клучен во обезбедување на потребните гласови за носење на уставните измени кои ги иницираше Владата. Александрова вели двата процесамора да одат паралелно доколку сакаме да се постигне конечниот резултат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.