Амнестијата на сила, критиките не стивнуваат

Откако пред два дена претседателот Ѓорѓе Иванов го потпиша Указот за прогласување на Законот за амнестија, тој стапи на сила. Ова значи дека сите обвинети и осудени за собраниските настани од 27-ми април минатата година кои сметаат дека ги исполнуваат условите до 25-ти декември можат да
поднесат барање да бидат амнестирани.

Според одредбите од Законот амнестијата ќе може да ја искористат, пратениците кои се обвинети и за кои тече веќе судски процес, иницијаторите на протестите „За заедничка Македонија“, но не и за лицата кои се посочени како организатори, извршиле насилство или пак не постапиле согласно службената должност.

Двајца од обвинетите веќе најавија дека ќе поднесат барање за амнестија. Адвокатот на Горанче Ангеловски- Ќосето и Иван Цветановски е убеден дека Законот ги опфаќа и нив.

И покрај големата поддршка со која што беше донесен Законот во Собранието, 95 гласа „за“ и ниту еден против, Законот се уште е изложен на остри критики од експертите и пошироката јавност.

Професорката по уставно право на Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска вели дека овој закон не само што е недоречен, небулозен во однос на она што значи амнестија, туку ги повредува личните права на човекот, правото на еднаквост на сите пред Уставот и пред законите.

„Токму затоа Законот е дискриминаторен и селективен, и како таков неправичен и неуставен. Очигледно е дека подготвувачите, но и доносителот на законот не ја знаат основната суштина на амнестијата, дека амнестијата не е помилување па да се однесува на поименично определени лица, туку амнестијата се однесува на сите лица кои се поврзани или вклучени во одреден настан/настани. Во нашиов случај настанот е 27 април, и согласно суштината на амнестијата истата треба да се однесува на сите вклучени или на било каков начин инволвирани во настанот. Селективноста на законот практично ги меша двата института амнестија и помилување и создава правна несигурност како опасен преседан во правото. Дополнително проблематично е што законот дава можност да биде интерпретиран/толкуван од обвинителството и судството што е уште една небулоза и доказ за искривување на смислата на амнестијата“, вели професорката Каракамишева Јовановска.

Од овие причини, смета професорката, законот мора да биде поништен од страна на Уставниот суд ако сме држава што се држи до правото.

Сличен став изрази и професорот по Казнено право, Гордан Калајџиев. Според него, законот за амнестија е доказ дека и понатаму политиката се меша во правосудството и дека „чудните решенија“ од законот ќе имаат политички и правни последици.

За дел од јавноста намената на овој закон е единствено да се порамнат сметките меѓу власта и пратениците кои со своите гласови во Собранието го отворија патот кон уставни измени со цел промена на името на државата согласно Договорот од Преспа.

Поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска во емисијата „Само вистина“ вели дека не може да има помирување ако амнестијата за едни важни, а за други не.

„За мене Законот за амнестија е на една тенка линија на двојни аршини и на директно вмешување на политиката во правосудството. Лично би била посреќна доколку нема никакви мешања. Не е чудна коинциденцијата што во овој момент се прави Закон за амнестија, што тој ќе биде амнестирање за едни, а за други не. Тоа помирување на може да биде помеѓу пратеници и внатре во партиите. Според мене, не требаше да има амнестија“, рече Марковска.

Во истата емисија, поранешната пратеничка и лидер на партијата „Глас за Македонија“, Солза Грчева вели законот е легализација на еден корумптивен процес.

„Ова е само легализација на поткупот на пратениците. Беше потребно двотретинско мнозинсто и за тоа не бираа средства. Наеднаш оние кои ги отворија вратите во Собранието, станаа најголеми европејци. Ова е еден коруптивен процес и ништо повеќе од тоа. Замислете, оние кои се обвинети, сами си го напишаа Законот за амнестија“, рече Грчева.

Законот за амнестија го подготви Интерпартиската група за помирување, реформи и интеграција која беше формирана во договор меѓу премиерот Зоран Заев и осуммината пратеници од опозицијата кои гласаа за отворање на Уставот. Токму дел од овие пратеници сега врз основа на овој закон ќе имаат можност за амнестија. Претходно, парламентарното мнозинство не го прифати предлог законот за амнестија на ВМРО ДПМНЕ со којшто се предлагаше ослободување на сите обвинети за настаните. Поради тоа опозициската партија одлучи да не учествуваа во т.н. процес на помирување инициран од премиерот Заев.