АМС бара факти и аргументи од ПФМ за случајот со Евгениј Поп Ацев

Агенцијата за млади и спорт (АМС) реагираше во врска со случајот со пливачот Евгениј Поп Ацев и по повод последните случувања во Пливачката федерација на Македонија (ПФМ).

Од АМС наведуваат дека внимателно го следат случајот.

„Евгениј Поп Ацев е еден од најуспешните македонски пливачи и еден од најголемите спортски амбасадори на нашата држава, кој безрезервно е поддржан во сите неговите настапи и натпреварувања од страна на АМС. Изразуваме жалење што АМС не била порано информирана дека иако има постигнато норма нема да биде пријавен да учествува на ова првенство, како би можеле писмено да реагираме до надлежните меѓународни спортски институции и да најдеме начин да го поддржиме“, стои во соопштението на АМС.

Од Aгенцијата нагласуваат дека се залагаат за системско решавање на проблемите во пливањето, за во иднина да нема вакви случаи, кои се на штета на спортот и спортистите, кои ја претставуваат нашата земја.

„ Ги повикуваме сите инволвирани кои одлучиле Евгениј да не учествува во Европското првенство во Глазгов да се произнесат во јавноста со сериозни факти и аргументи врз кои ја донеле оваа одлука и да сносат соодветна одговорност“, наведуваат од АМС.