АМС: Изборното собрание на ФФМ е незаконско

Агенцијата за млади и спорт (АМС), го смета претстојното Изборно собрание на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за незаконско и нема да ги признание одлуките што евентуално ќе бидат донесени.

Во својата реакција на вчерашната одлука на ФФМ да закаже претседателски избори за 14 март во Скопје, АМС потенцира дека незаконски се сите одлуки што ФФМ ги има донесено од јули 2019 годинa, кога Управниот одбор на ФФМ донел одлука за усогласување на Статутот со Законот за спорт, но истата „никогаш не е реализирана“.

– Имајќи предвид дека мандатите на делегатите, комисијата за избори, претседателот и членовите на УО на ФФМ, истекуваат на 17 февруари 2021 година, АМС известува дека нема да биде признаен незаконски избор на делегати од Општинските фудбалски сојузи (ОФС), како и избор на тела во ФФМ. Законот за спорт важи за сите подеднакво и сите учесници се должни да го почитуваат, соопшти АМС.

Истакнувајќи дека „има поддршка од поголемиот број на клубовите од прва и втора лига“, АМС повика ФФМ доследно да го почитува и применува Законот за спорт, најавувајќи дека во спротивно за таквото дејствување ќе ги извести УЕФА и ФИФА.