АМСМ: По еден час чекање на Богородица и Дојран за излез од Македонија

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата, освен на граничните премини Богородица и Дојран, каде чекањето за излез е околу час, се наведува во денешната информација објавена на веб страницата на Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Според АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива пo суви коловози.

На патниот правец Неготино – Демир Капија, на делот од Неготино до местото викано Острово, сообраќајот ќе се одвива по дел од новиот автопат во должина од четири километри. По овој дел сообраќајот пак се враќа на магистралниот пат Р103.

Од вчера се применува времен режим на сообраќај во летниот период со кој се забранува движење на тешки товарни возила за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е почеста појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.