Анѓушев негира дека влијаел врз одлуката за одложување на прогресивниот данок

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на прес-конференција во  неделата одговорајќи на новинарски прашања негираше секаква своја инволвираност  во одлуката на Владата да го замрзне прогресивното оданочување на пресоналниот данок на доход.

Анѓушев посочува дека станува збор за одлука на Министерството за финансии кое ги правело анализите коишто, како што рече, тој ги видел на владината седница.

„Немав никакво влијание во носењето на оваа одлука“, тврди Анѓушев.

Вицепремиерот одби да ги коментира и критиките од поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски и неговиот советник додека беше министер Бранимир Јовановиќ во чие време се воведе прогресивното оданочување.

„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ. Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ“, напиша Тевдовски на Фејсбук.

Во петокот министерката за финансии Нина Ангеловска соопшти дека прогресивното оданочување се става во мирување во следните 36 месеци и се враќа старото од 10 проценти. Одлуката ја образложи со резултатите од направената анализа според која прогресивниот данок направил незначителен ефект врз подобрувањето на нееднаквоста, а некои од даночните обврзници одлучиле дел од доходот да го префрлат на други лица за да не го надминат прагот.

Вчера премиерот Зоран Заев рече дека прогресивниот данок не ги дал очекуваните резултати од причина што земјава е опкружена од земји каде што даноците се многу ниски и генерално имаат рамен данок.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.