Анѓушев: Со новата компанија РЕС ќе го смениме сегашниот концепт на снабдување со електрична енергија  

Новата компанија на македонскиот енергетски пазар Renewable energy supply (РЕС) ќе понуди сосема нов пристап во снабдувањето и трговијата со електрична енергија, вели проф. д-р Кочо Анѓушев, кој е еден од основачите на РЕС, во интервју за „Фактор“.

„Концептот што досега постоеше, според мене како концепт е истрошен и тоа најдобро се покажа баш во оваа криза… Кога имате варијација на цената од 70 до 530 евра, станува невозможно да ја формирате вашата цена и влегувате во една неизвесност. И сметам дека тоа како концепт е потрошен. Јас самиот и со партнери сум сопственик на капацитети за производство на електрична енергија. Како што знаете околу 20-тина хидроцентрали, фотоволтаична електрана, биогасна електрана, вкупно производни капацитети со инсталирана моќност од 36 мегавати. Со 36 мегавати сме мали, а амбицијата ни е да бидеме многу поголеми. Затоа го направив партнерството со „Токи“, којашто е сопственост на Реналфа групацијата, бидејќи тие имаат свои инвестиции во Македонија и во Бугарија. Реналфа групацијата е агрегатор на сите обновливи извори во Бугарија. Тие имаат околу 400 мегавати инсталирана моќност во своето портфолио. Исто така, ќе ги поканиме сите во Македонија кои што имаат обновлива енергија без разлика дали е од ветер, вода, сонце да бидат дел од нашата група“, вели Анѓушев.

Во интервјуто тој истакнува дека целта е РЕС да стане стабилен извор и тоа може да се направи само ако имате сопствена енергија. Идејата е сопствената енергија да ја понудиме до крајни корисници во стопанството во Македонија.  Станува збор за нов концепт кој што целосно треба да профункционира од 1 јуни годинава.

„Мислам дека компанијата ќе има капацитет пред се’ да ги собере сите извори на електрична енергија кои што ќе сакаат да пристапат. Веќе имаме договор со некои од производителите. Тоа ќе биде вертикално интегрирано претпријатие како што беше на времето Електростопанство на Македонија и тоа ќе може од сопствени извори да снабдува електрична енергија. Ќе може да се понуди снабдување со електрична енергија на околу 30 отсто од компаниите во Македонија и очекуваме тој процент да постепено да порасне на 40 до 50 отсто од пазарот“, смета Анѓушев.

РЕС, како што појаснува Анѓушев, ќе обезбеди не само стабилност туку и предвидливост на компаниите нудејќи им фиксна и стабилна цена утврдена на квартално, полугодишно или годишно ниво. Дури и за повеќе години ако се постигне таков договор со потенцијалните корисници