Анѓушев: Странските инвеститори ќе имаат поголеми последици од војната во Украина, отколку македонските кои се „пожилави“

-Тешко е да се работи во овој период, бидејќи цените динамично се менуваат, бидејќи тешко може да se формира цена на краен производи. Сега дури има и нови модалитети на продавање. Kаде што нема цена, неа ќе ви ја кажат кога производот ќе биде готов. Ова го изјави проф. д-р Кочо Анѓушев кој во четвртокот гостуваше во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија. Но, според него, последиците од оваа криза посилно ќе ги почувствуваат странските инвеститори во земјава, отколку домашните кои во вакви услови демонстрираат поголема издржливост и прилагодливост кон дадените услови.
„Сакајќи или не, македонската економија ја поделивме на домашни и странски инвеститори. Во домашните компании мислам дека помал ќе биде тој удар, бидејќи сите тие се пожилави на некој начин и гледаат да пенетрираат на странските пазари. Од она што можам да го видам во другите домашни компании, но и во „Брако“, се справуваме со ситуацијата што не е сјајна како минатата година, кога „Брако“ имаше раст од 51 отсто во однос на претходната година. Но, ја менаџираме ситуацијата. Мислам дека поголем удар ќе има кај странските инвеститори, бидејќи тие се во ланецот на снабдување на автомобилската индустрија. Таму нарачките се намалени, некои компании престанаа да продаваат на рускиот пазар. Мислам дека тука ќе се почувствува некаков импакт. Секако е рано да се кажат конкретни бројки, но мислам дека ќе има негативен ефект  во делот на обемот на производство. Но, секако тоа е и можност. Не треба да се радуваме на нечија несреќа.  Она што се произведуваше во Украина ќе се пресели во некој друг крај на светот, барем за тој краток период, и тука треба да се гледа можност. Голем број западноевропски компании имаа фабрики во Украина и тие сега бараат нови локации“, истакна проф. д-р Анѓушев во емисијата.
Тој смета дека надлежните во овие моменти треба да се обратат кон странските инвеститори кои што имаат капацитети во Украина и да им понудат услови за релокација на своите погони во Македонија.
„Ние имавме еден случај. Австриска компанија која дел од своите производи ги произведуваше во Украина, а „Брако“ за нив произведуваше земјоделски механизација. Тие имаат поголем производствен капацитет во Украина, но сега се јавија кај нас со зголемени нарачки. Некогаш има можности кои што треба да се искористат и тука треба да се биде проактивен, да се следи состојбата, да се прави проценка, анализа, да се разговара … да се патува. Откако паднаа мерките практично секоја втора недела јас сум надвор од Македонија бидејќи за да продадете од Македонија мора да биде присутен низ светот“, рече Анѓушев.