Анѓушев: Струјата ќе мора да поскапи

Поранешен вицепремиер за економски прашања и добар познавач на енергетскиот пазар  Кочо Анѓушев вели дека е  добро  што се прави обид да се набави јаглен за ТЕЦ Битола, но додава дека ситуацијата со снабдување со струја во светот, а пред сè во Европа, е многу сериозна, a последиците за Македонија не можат да се предвидат, а  неизвесно е како ќе се реши ситуациајата на глобалниот пазар.

Тој, во изјава за Фактор , вели дека е сигурен дека ќе има  поскапување на електричната енергија во земјава во следниот период, иако, според неговите прогнози, можно е берзанските цени и да се намалуваат во следниот период, но тие никогаш нема да се вратат на ниво од пред кризата.

– Македонија е мала и небитна. Сериозна е ситуацијата во светот, односно во Европа. Македонија ниту може да влијае негативно, ниту позитивно, туку едноставно ќе ја дели судбината на цела Европа, и тоа се последиците кои ќе ги дели и Македонија. А последиците се знае кои се, ќе се зголеми цената на електричната енергија. Цената на електричната енергија сега се држи поради тоа што ЕСМ дава евтина енергија во системот, ама тоа не може да биде неограничено. Значи, со тек на време, а кога не знам, струјата ќе мора да поскапи. Следно е дека индустријата ќе мора да плаќа поскапа енергија бидејќи е на слободниот пазар. Таа цена ќе се вкалкулира во секој производ, зависи со колкав процент во кој производ учествува струјата, некаде е 40 отсто, некаде е пет отсто. Тоа нормално ќе влијае врз цените на крајните производи – вели Анѓушев.