Ана Витанова Рингачева и Стефан Марковски добитници на наградата Горан Бујиќ

Книжевната критичарка, есеистка и професорка на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип Ана Витанова Рингачева и писателот, поет и сценарист Стефан Марковски се годинашните добитници на Интернационалната награда за новинари – книжевници Горан Бујиќ на Хрватското книжевно друштво.

Витанова Рингачева е добитник на наградата Горан Бујиќ за новинари – книжевници надвор од Хрватска, додека Стефан Марковски е добитник на наградата во категоријата млади новинари – книжевници.

Витанова Рингачева и Марковски ги уредуваат списанијата за литература „Зенит“ и „Современост“.

Наградата на животно дело ја доби Неделко Јусуп, новинар, публицист, предавач и уредник, основач и долгогодишен главен и одговорен уредник на неделникот и дневниот весник „Задарски лист“.

Наградата „Донат“ за придонес во културата годинава ја доби весникот „Задарски лист“, кој одбележува 25 години постоење.

Книжевната награда „Донат“ ја добија поетот, професор, музичар и афористичар Данко Ившиновиќ и Пејо Симиќ, книжевник.

Годинава за наградите одлучуваше 12-члено меѓународно жири, а наградите ќе се доделат на свеченоста која секоја година се одржува на 28 ноември, роденденот на Горан Бујиќ.

Горан Бујиќ беше хрватски поет, критичар, есеист и новинар. Дипломирал компаративна книжевност и филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб, каде подоцна и магистрирал. Бил уредник на весникот „Задарски лист“, а неговите критики се објавувани во сите значајни хрватски списанија и весници. Починал во 2011 година.