Анадолу Ефес преку Барса првпат шампион на Европа

Кошаркарите на истанбулски Анадолу Ефес ја освоија титулата европски прваци откако во неделата во Келн во финалното соочување ја совладаа Барселона со 86:81 (15:22, 24:14, 26:22, 21:23).

Анадолу Ефес до историскиот успех го предводеше Василие Мициќ со 25 коша, кој воедно на крајот беше прогласен и за најкорисниот играч на турнирот на четирите најдобропласирани екупи во Евролигата, и Шејн Ларкин со 21 кош. Кај Барселона најефикасни беа Кори Хигинс со 23 и Кајл Карик со 18 поени, додека Брендон Дејвис додаде 17 коша со 11 скокови.

Иако Барселона подобро го отвори дуелот и на почетокот од втората четвртина имаше предност од десет поени (25:15), Анадолу Ефес веќе до полувремето стаса до предност од 39:36, а во третата четвртина се одвои на највисоките 10 поени разлика (65:55).

Меѓутоа, Барселона иако тешко поентираше во продолжението не се предаваше и на четири минути пред крајот стаса до израмнување 72:72. Сепак, турскиот претставник во својот состав ги имаше расположените Мициќ и Ларкин кои со ефектни продори под обрачот и полагања го одве Анадолу Ефес до преноста од 83:76 на половина минута пред крајот.

Ова е првата титула европски првак за Анадолу Ефес, до кое стаса во своето второ финале откако во минатото одиграно пред две години беше поразен од московска ЦСКА којашто овојпат во петокот во полуфиналето ја совлада со 89:86. Барселона, пак, остана на двете титули, во 2003 и 2010 година, и по своето осмо финале.

Претходно во неделата третото место го освои милански Армани Ексџенџ со 83:73 (20:23, 20:11, 20:23, 23:16) со победата над московска ЦСКА. Владимир Мицов и Серхио Родригез потигнаа по 14 поени за Армани, а Ринике Шенгелија впиша 19 коша за ЦСКА.