Јанакиески: Целта на Обвинителството е да не се дознае вистината и да се осудуваат лица без докази

Обвинителството не успеа да докаже ништо од она што го тврдеше и во старото и во новото обвинение, барам правда и да судите објективно – вака му се обрати обвинетиот Миле Јанакиески на судијата Душан Јосифов во завршните зборови за настаните пред Општина Центар во 2013 година.

Тој зборуваше за неуспехот на Обвинителството да приложи доказ за тоа што го тврдеше и дека сите тврдења ги темелеле на нивната искривена перцепција и двојни аршини според кои некои луѓе беа ослободени од случајот, а некои – како Јанакиески – беа одбрани за жртвени јагниња за да се „прикаже слика дека доаѓа правда во Македонија“.

Јанакиески се осврна и на повредите во постапката и одбивањето на судот да прифати негови сведоци и да изведува материјални докази кои ќе ја докажат неговата невиност.

„Мене лично ни еден вербален сведок не ми беше прифатен, а сите сведоци кои ги предложив беа на околности кои произлегуваа од овој телефонски разговор како и вториот телефонски разговор, со цел да се утврдат фактите и материјалната вистина, а не да остане на претпоставка, перцепција или нагаѓање од страна на обвинителството. Мислам и на мали деца им е јасно дека 22 е поголемо од 0.“, рече Јанакиески.

„Обвинителството покрај ваквата состојба во текот на целата постапка со потсмев ќе искоментира дека правата на одбраната и еднаквост на оружјата биле запазени. Во оваа постапка видовме се, само не почитувања на правата на одбраната, имавме се, само немавме фер и правично судење и почитување на принципот еднаквост на оружјата. За жал, доколку целта беше да не се дознае и да не се утврди вистината и некој да биде осуден без ниеден доказ на основ на претпоставки и слободни интерпретации на нечии зборови, можам да кажам дека ова е пример на сценарио кое засега добро се реализира“, нагласи денес во судот Јанакиески.

Тој е обвинет за поттикнување насилство кое за волја на вистината никогаш не се случи, а луѓето кои наводно ги поттикнувал негираа такво нешто. Дополнително, екс-претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова беше ослободена од обвинение по исказот на Томислав Лазаров, екс-советник во општина Центар, но не беше ослободен и Јанакиески, иако Лазаров сведочеше дека ниту Рангелова координирала, ниту Јанакиески давал насоки за координирање на групата која протестираше пред општина Центар.
За двојните аршини на обвинителството зборуваше и Јанакиески денес. Дали судот ќе одолее на политичките притисоци да се донесе пресуда по секоја цена, ќе дознаеме наскоро.