Јанакиески осуден на 3,6 години затвор за „Топлик”

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како првообвинет во случајот „Топлик”, денеска од Основниот кривичен суд Скопје е прогласен за виновен и осуден на три години и шест месеци затвор.

Судечкиот совет предводен од судијата Осман Шабани на претседателот на Комисијата за јавно наддавање, обвинетиот Томе Ѓурчилов му изрече затворска казна во траење од три години затвор, додека останатите обвинети членови на Комисијата, Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гаќев и Весна Томчевска добија условни казни затвор од две години кои нема да се извршат доколку во рок од пет години не сторат ново кривично дело.

Застапник на обвинението во случајот „Топлик“, кој се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на населбата „Сончев Град“ во Општина Сопиште, е обвинителот Бурим Рустеми.

Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

На 14.05.2007 спровеле јавна набавка. Иако знаел дека документацијата не била правилна и комплетна, фалеле имотни листови за повеќе парцели, на 8.06.2007 Јанакиески склучил договор за јавна набавка со израелската фирма „Сансити“.

13 парцели од вкупната површина не биле слободни за продавање и договорот за почнување на градбата не можел да се реализира. Поради тоа добавувачот го раскинал договорот и си ја наплатил каматата од милион евра.