Анализа: Ѓул против Ердоган

Турскиот претседател Абдула Ѓул го потпиша спорниот закон, кој ги зголемува овластувањата на владата врз судскиот систем. Тоа се случи и покрај повиците до Ѓул да стави вето врз законот, но и неговата лична загриженост за насоката во која се движи Турција. Според некои аналитичари, претседателот Ѓул се обидува да избегне конфликт со премиерот Реџеп Таип Ердоган, пишува „Voice of America“, пренесува Нетпрес.

Ѓул ги игнорираше повиците за вето врз спорниот закон, кој беше критикуван дека ги нарушува принципите на поделбата на власта и дава поголема контрола врз независниот орган кои ги именува судиите. Ѓул своевремено тврдеше дека овој закон е во конфликт со турскиот устав. Но, спеак ја отфрли можноста за ставање вето.

Политичкиот коментатор Соли Јузел смета дека сепак претседателот требал да се вмеша.

„Тој може и да тврди дека неговата позиција е само репрезентативна, но тоа не е така – тој сепак е на чело на државата“, вели Јузел.

„Според мене стануваме сведоци на еден напад врз формата на турската држава, под која таа функционира во моментов. Ѓул е претседател на републиката“, коментира тој.

Во февруари, годинава, Ѓул потпиша закон, кој ја зголемува контролата врз Интернет. Тогаш изјави дека ги убедил властите да сменат некои од најспорните елементи во законот.

Ѓул е еден од основачите на владејачката Партија на правдата и развојот и е близок сојузник на Ердоган. Но, и покрај тоа што претседателот на Турција изрази стравувања за насоката по која се движи државата, Асли Ајдинташбаш од весникот „Милиет” рече дека Ѓул сепак ќе внимава да не влезе во близок дуел со премиерот.

„Ѓул не ја контролира партијата и ако одлучи да застане против Ердоган сега, тоа едноставно ќе значи ставање крај на неговата политичка кариера. Премиерот е многу жесток борец, за разлика од претседателот. Така да Ердоган воопшто нема да се двоуми да ја искористи моќта во медиумите, како и машинеријата во својата политичка партија, за да го нападне претседателот, ако тој одлучи отворено да му се спротистави“, вели Ајдинташбаш.

Очите свртени кон идната функција?

Претседателскиот мандат на Ѓул завршува во август, годинава, и засега тој не ја отфрла можноста да се кандидира повторно. Набљудувачите сметаат дека тој може дури и да ја разгледува можноста за позицијата премиер на Турција, ако Ердоган стане претседател.

Политичкиот коментатор Јузел предупредува дека репутацијата на Ѓул можеби веќе и настрадала.

„Истражувањата покажуваат дека неговиот рејтинг е намален меѓу 10 и 17 отсто, во зависност од тоа кој ја изработил анкетата. Главна причина за тоа е што луѓето сакаат лидер, а во претседателот воопшто не гледаат лидерство“, вели Јузел.

Аналитичарите сметаат дека турскиот претседател ја гледа својата политичка иднина врзана со позицијата во партијата и се плаши да не биде етикетиран како нелојален кон партијата. Во таа насока Ајдинташбаш смета дека Ѓул ќе ги набљудува одлучувачките локални избори, следниот месец, кои премиерот ги прогласи како референдум за неговото владеење.

„Ако Ердоган добие добри резултати кон крајот на март, годинава, тој ќе ја продолжи борбата. Но ако нештата не излезат како што треба, Ѓул ќе биде повикан да излезе во јавноста и да ја одигра посредничката улога, а може да понесе дури и поголема одговорност. Се’ зависи од резултатите од претстојните локални избори“, смета Ајдинташбаш.

Политичкиот коментатор го опиша претседателот на Турција како пајак, кој подобро би ја чекал жртвата да се вплетка во неговата мрежа, отколку да тргне по неа сам. Општо познато е дека Ѓул ја нема харизмата која ја поседува Ердоган, но познавачите велат дека тој тоа може да го компензира со својата политичка способност.