Анализа: Кој е новиот водач на Крим?

Кој е новиот водач на Крим? До само пред две седмици Сергеј Аксонов- сегашниот премиер на автономната република, беше еден незначителен политичар. Тој е на чело на една мала партија, проруски ориентирана, која на последните регионални избори освои едвај четири отсто од гласовите.

Покрај ова, тој е и малку познат бизнисмен, со сомнително минато, а неговиот прекар е „Гоблин“. Преведено, тоа значи нешто како злобен мал виленик, остаток од деновите кога на црноморскиот полуостров, по распадот на Советскиот сојуз, владееја криминални банди, пишува германскиот „Дас Ханделсблат“, пренесува Нетпрес.

Но, времињата се сменија. Денеска Аксонов е прв човек на регионалната власт – една фигура која по се’ изгледа е донесена на таа позиција од Москва, и сега работи засилено да го интегрира Крим кон Руската федерација. Исто така, Аксонов раководи и со една чисто нова армија од околу 30 мажи, вооружени со АК-47, кои сеуште учат да маршираат во формација. Тие положија заклетва во парк на регионалната престолнина Симферопол и го признаа Аксонов како свој „командир“.

„Референдумот во Крим, закажан за 16 март, ќе создаде еден руски остров“, изјави бившиот полупрофесионален боксер за време на церемонијата, и дополни дека не го крие незадоволството од Украина.

„Ние не сме непријатели на тие војници, кои се заколнаа на верност на украинската држава“, увери тој во однос на униформираните Украинци, кои моментно се забарикадирани во своите бази на Крим, при тоа без да бидат сигурни што ќе се случува со нив.

„Тие можат мирно да си заминат во Украина“, дополни кримскиот премиер, кои себе си се опишува како „миротворец“.

Но, во престолнината Симферопол, луѓето си припомнуваат за неговиот период од 90-те години. Тој, сепак, не бил голем престапник, раководел со банда која честопати била инволвирана во изнуди и во измами. Или, пак, некои барем така велат.

Според други пак, информациите за криминалното минато на новиот лидер не се ништо повеќе од обични напади кои ги упатуваат неговите непријатели. Истрагите, сепак , покажале дека тој нема никаква поврзаност со криминални групи.

Но, не се малку ниту оние кои го сметаат Аксонов за марионета на Кремљ, кој, пак, по падот на Виктор Јанукович испрати стотици вооружени војници на Крим, за да ја обезбеди својата контрола врз полуостровот.

Тоа навистина беше едно ненадејно доаѓање на власт за Аксонов, кој влезе во политиката некаде во 2009 година, кога обедини три организации што ја поддржуваат Москва, во партијата „Руско единство“. Со својата политичка реклама, во која ги изедначуваат противниците на Јанукович со нацисти, се стреми да привлече поголемата дел од рускојазичното население во Крим. За републиката тој ветува златна епоха, рај со лозови насади, работни места и богати туристи.

До скоро Аксонов исто така велеше дека не се занимава со отцепување на Крим од Украина. Партијата „никогаш не сакала да го оддели Крим од Украина“, уверуваше тој пред само три недели во интервју за медиумите.

Според локалните новинари, кримскиот премиер стапи на политичката сцена со силна поддршка на Владимир Константинов. Тоа е претседателот на прорускиот регионален парламент и угледен претприемач, кој моментно е вовлечен во скандали со неподмирени банкарски заеми и кредити и неуспешни градежни објекти. Но, досега ништо од тоа не доживеа официјална истрага. Сето ова, сeпaк, не ги импресионира особено следбениците на Аксонов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.