Анализа на „Пари“: Во „Биотек“ просечната плата е 2.000 евра, „Промедика“ има најголем профит

Пандемијата ги зголеми приходите кај веледрогериите. Податоците од платформата БизнисМрежа.мк покажуваат дека нивните приходи се зголемиле во 2020 година во однос на 2019 година, за потоа тој тренд да продолжи и во 2021 кога направиле уште поголем промет со лекови и медицински материјал во однос на 2020 година, покажува анализата на „Пари“ за платите на вработените во веледрогериите.

Така, во 2021 година, само кај три најголеми веледрогерии според прометот: „Зегин“, „Македонијалек“ и „Еуформ“ се исплатени 187,2 милиони евра, а во 2020 година кај нив се слеале 174,5 милиони евра.
Најголемите компании по приход не биле и најголеми добитници во однос на профитот. Порталот „Пари“ анализирајќи ги бројките за веледрогериите, наиде на еден особено интересен податок за висината на платите во двете веледрогерии кои имаат најголема добивка.

Тие не само што даваат солидни и многу надпросечни плати, туку и во 2021 година значително ги зголемиле платите во однос на 2020.

Така, лани просечна плата во „Промедика“ била 102.547 денари, а во „Биотек“ 127.121 денар.
Веледрогериите „Зегин“, „Македонијалек“ и „Еуформ“ и минатата година останале компании преку кои здравствениот систем најмногу се снабдува со лекови и друг медицински материјал, како што тоа било и во 2020 година.
Но, од податоците може да се види дека, иако „Зегин“ ги зголемил приходите за 2,47%, со што реализрал промет од дури 73,8 милиони евра, имал значаен пад на добивката од 30,2%, па така најголемата веледрогерија направила профит од „само“ 223.000 евра во 2021 година.
Пад на добивата има и кај „Еурофарм“ , иако и оваа веледрогерија го зголемила прометот за 4,3%, реализирајќи 49,6 милиони евра. Добивката на „Еурофарм“ во 2021 била намалена за 3,36% и изнсувала 1,35 милиони евра.

Од првата тројка според приход, со раст на добивката може да се пофали само „Македонијалек“. Оваа веледрогерија во 2021 година во однос на 2020 година го зголемила приходот за 15,4% и инкасирала 63,8 милиони евра, а добивката ја зголемила за 17% и ја искачила на 1,4 милиони евра.
Позиционирањето на компаниите со најголема добивка во 2021 година се изменило во однос на 2020 година. Минатата година најголема добивка, од 6,5 милиони евра направило Друштвото за трговија, производство и услуги „Промедика“, а во 2020 неговата добивка била многу помала и изнесувала 1,4 милиони евра.

Во 2020 година, најголема добивка имала веледрогеријата „Биотек“ кога остварила профит од 2,5 милиони евра, а сега, таа иако со раст на добивка и со релаизиран профит од 3,7 милиони евра, сепак е истисната на второто место.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.