АНАЛИЗА: Неуспехот на Ле Пен во Европарламентот

Неспособноста на лидерот на француската крајнодесничарска партија Национален Фронт, Марин Ле Пен, да формира група во Европскиот Парламент, и крајната нестабилност на коалицијата на Британецот, Најџел Фараџ, покажуваат на какви искушенија и тешкотии се наоѓаат евроскептиците во обидот да се наметнат во европските институции и покрај нивните големи изборни успеси, анализира новинската агенција „Франс Прес, пренесува Нетпрес.

Во изминативе недели лидерот на Националниот фронт организираше дузина средби во Брисел со други крајнодесничарски европратеници, или националисти, кои беа склони да коалицираат со неа.

А влогот беше голем. Ако не се сметат големата видливост и можноста за претседателство со комисиите и подкомисиите, една европарламентарна група си обезбедува субвенционирање во износ од околу 20-30 милиони евра, сума во која не се вметнати платите и другите финансиски благодети за европратениците.

Крајниот епилог е дека Марин Ле Пен не успеа да придобие сојузници, надвор од своите „традиционални“ партнери – Партијата за слобода на Холанѓанецот Херт Вилдерс, австриската Партија на слободата, италијанската Северна лига и фламанската Влаамс беланг.

За формирање на група во ЕП са неопходни 25 пратеници од седум различни националности. И покрај тоа што имаше доволен број пратеници – 37, Ле Пен не успеа да обедини доволно различни страни. Нејзиниот обидот да привлече четири пратеници од полскиот Конгрес на новата полска десница (КНП) и еден бугарски националист од ВМРО, се покажа како несупешен.

„Засрамувачки“ сојузници

Напорите на Ле Пен за формирање на алијанса беа силно критикувани од холандската Партија за слобода, кој ги нарече КНП и ВМРО „засрамувачки“.

„Нашата партија навистина сака да формира група, но сепак не по секоја цена“, изјави Вилдерс.

Полската КНП, која е раководена од 72-годишниот монархист и ултралиберал Јануш Корвин-Мике, сака да влезе во ЕП за да ја „разнебити ЕУ одвнатре“, бидејќи Унијата, според нив, е „комунистички проект“. За време на кампањата за европските парламентарни избори, лидерот на КНП си дозволи да каже дека „Хитлер требало да биде обесен за многу злосторства, но не и за Холокаустот“ и дека „веројатно Фирерот на Третиот Рајх не знаел за истребувањето на Евреите“.

Вториот, кој во последно време се покажа како можен сојузник на Ле Пен, е Ангел Џамбаски – бугарски ултранационалист, кој силно ја поддржува Москва. За време на едни протести во Софија тој јавно ги повика своите поддржувачи да го „исчистат градот“ од бегалци и од емигранти. По неуспехот на Националниот фронт да формира, бугарскиот пратеник објави дека се приклучува кон групата на Европските конзервативци и реформатори, која е раководена од британските конзервативци, а кој е позната по евроскептицизмот. Од друга страна Националниот фронт, пак, ја отфрли опцијата за обединување со грчките неонацисти од Златна Зора, со германскиот пратеник од НДП, како и со Унгарците од Јобик, бидејќи сите тие беа прогласени за „невозможни“ сојузници.

„Откажувањето од обединување со движењата, од кои дел демонстрираа позиции несвојствени со нашите вредности, беше главна пречка за формирање на политичка група“, наведе во своето коминике Ле Пен, на само еден ден пред крајниот рок за формирање на групи во ЕП, 23 јуни.

Во информацијата до јавноста таа дополни дека, сепак, преговорите продолжуваат и изрази увереност оти многу наскоро ќе успее да собере сојузници.

Иако бројот на националистите во ЕП е малку над 100 мандати, од вкупно 751 европратеници, сепак евроскептиците ќе имаат една своја група, наречена Европа за слобода и директна демократија на Британецот Фараџ.

Но, оваа коалиција е премногу кревка. Таа брои пратеници од точно седум земји и се темели единствено на приклучувањето на дисидентката од Националниот фронт, Жоел Бержерон. Во случај на нејзино премислување, групата на евроскептиците може веднаш да се распадне.

Фараџ, пак, ја исклучува можноста за распад и потенцира дека „пратениците кои го напуштиле поради Европските конзервативци и реформатори, ќе се вратат назад до Божиќ“.

Но, колку и да се настојува за формирање на групата на Национален фронт, Фараџ сепак останува на својот непопустлив став.

„Не сакам да склучувам договори со Марин Ле Пен“, одлучно изјави пред неколку денови.

На крајот, под овие сегашни услови, Ле Пен и нејзините сојузници остануваат да се дел од Европскиот парламент само како независни пратеници.