Анализа: Обвинението против Трајко Вељаноски мора да падне, оти не е забранета координацијата со пратениците од неговата партија!

55

Пред да се впуштам во детална анализа на обвинението против поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поврзано со настаните од 27 април 2017 година, би сакал уште на почетокот да разјаснам три нешта, напоменува Бранко Героски во својата анализа за Плус инфо.

Прво, упадот на толпата разбеснети граѓани во парламентот на 27 април и насилствата што се случија за мене претставува обид за државен удар, кој, за среќа, не успеа. Вака мислев и пишував и тогаш кога се случи тој трагичен настан, така мислам и пишувам и сега. Органите на прогонот, Обвинителството и Судот беа должни да утврдат кои се организатори и извршители на злосторствата, да подигнат обвиненија според Кривичниот законик и според тежината на извршените кривични дела да донесат соодветни пресуди.

Второ, за мене е целосно неприфатливо тоа што власта на Зоран Заев, со актот на амнестија за дел од учесниците во насилствата, а заради постигнување политички цели сосема неповрзани со обидот да се спречи мирниот трансфер на власта, калкулантски и непринципиелно го искомпромитира извршувањето на правдата. Не, не сум против тоа државата да им прости на луѓето кои биле заведени или понесени од чувството дека бранат некакви свои вредности (како што им прости, впрочем), но сите знаеме дека кои беа причините за актот на амнестија и секако знаеме дека не беа легитимни.

И трето, Трајко Вељаноски, чија инкриминација ќе ја анализирам, навистина го познавам само од телевизија. Првата и засега единствена средба со него ја остварив пред десеттина дена, кога беше најавено сведочењето на поголема група поранешни пратеници од повеќе политички партии. Од Вељаноски ги добив обвинението и материјалните докази кои веќе ги доставил во судската постапка, а сакав и лично да ја слушнам неговата одбрана.

Замислете, „виновен“ зашто се координирал со пратениците од својата партија?!

Да бидам искрен, дури и по анализата на обвинението, мене сѐ уште не ми е јасно за што всушност е обвинет Вељаноски. Во првата реченица на образложението на обвинението пишува дека обвинетите Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошковски, изготвиле план со намера да ги загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија со акти на насилство за да оневозможат примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство, организирале протести кои материјално ги помагале, постојано го намалувале бројот на полициски службеници ангажирани за обезбедување на протестите и на Собранието во кои ги вклучиле патриотските здруженија, презеле мерки за да се отстранат пречките за да се овозможи непречен влез на масата народ во Собранието на Република Македонија, ангажирале лица за вршење насилство итн.

До тука сѐ е јасно. Односно, јасно е дека актите на насилство се суштествен елемент на делото што им се става на товар на обвинетите – ако немало насилство, ако не се случеше упадот во Собранието на 27 април, секој друг обид за спречување на изборот на новиот спикер Талат Џафери (филибастеринг и слично) ќе беше политички легитимен. Во најмала рака, немаше да има основа да се зборува за кривична одговорност, тврди во својата анализа, Героски.

Повеќе на  линкот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.