АНАЛИЗА: Првите сто дена на Доналд Трамп

( Jonathan Ernst/Reuters

Првите сто дена од власта на американскиот претседател Доналд Трамп изминаа многу бурно. Покажа дека може да го промени својот тон и своите ставови, но и натаму неговите противници не можат да видат артикулирана политика и претседателски стил.

Човекот кој на Американците им ветуваше дека ќе „победи, победи, победи“ по првите сто дена на власт не може да се пофали со постигнатото: најнепопуларен претседател е во современата историја на САД на почетокот од мандатот, иако мора да се признае дека засега неговата база му е верна. Седумдесетгодишниот Доналд Трамп, чијшто избор предизвика шок кај политичкиот естаблишмент ширум светот, и натаму останува импулсивен, инстинктивен и непредвидлив

Меѓутоа, поранешните антиестаблишментски кандидат кој ветуваше дека ќе го стресе Вашингтон и оти „ќе го исуши тоа мочуриште“, со доза на наивност и итроштина, признава дека има многу тешка работа. За само неколку дена правосудството и дел од конгресмените му зададоа тешки удари отфрлајќи го неговиот извршен указ за имигрантите и предлогот реформи на здравствениот систем.

„Никој не знаеше дека здравствениот систем е толку сложен“, рече по повод неуспешниот обид веднаш да го реформира здравственото осигурување Обамакер, што го воведе неговиот претходник од Демократската партија. „Откако слушав десет минути, сфатив дека тоа не е така лесно“, изјави Трамп по состанокот со неговиот кинески колега по должност Кси Џинпинг во врска со севернокорејското прашање.

Должностите од Овалната канцеларија, каде што секој збор е важен, се покажаа значително поинакви од сцената во предизборната кампања. Кого да се слуша? Кого да се праша за совет? Како да се постави кон Конгресот, дури и кога го контролира неговата партија? Колку простор да им се даде на Пентагон и на Стејт департментот. Сите претходници му порачаа дека влегувањето во Белата куќа на Авенијата Пенсилванија 1.600 зашеметувачки ја изменува перспективата. „Постои нешто што е својствено само на должноста претседател, што никој не може да го избегне – мислите едно кога влегувате внатре, но притисокот кој ја следи таа должност, реалноста на светот околу вас, се поинакви од она што сте си го замислиле“, појасни пред неколку дена поранешниот републикански претседател Џорџ В. Буш.

Остануваат уште 1.300 денови

Освен што не се откажува од своето изненадувачко утринско комуницирање со јавноста преку твитер, главно под влијание на телвизијата Фокс Њуз, Трамп еволуира. Во изборот на своите соработници, како и во некои одлуки, започнува да се дефинира како претседател, но засега претпазливо.

Преземајќи го водството на најголемата светска сила, воопшто без политичко, дипломатско или воено искуство, Трамп го брани својот пристап. „Се менувам, флексибилен сум, се гордеам со тоа“, изјави пред да ги изведе ракетните напади врз Сирија обвинувајќи ја наводно за употреба на хемиско оружје.

Кога станува збор за Кина, Русија или НАТО, неговото свртување за 180 степени во однос на изјавите давани во предизборната кампања,  во одредена мера го примири американскиот естаблишмент, како и американските сојузници.

„Ноедамнешниот пресврт на Трамп треба да биде претпазливо поздравен“, оцени во воведникот влијателниот Вашингтон пост.

Меѓутоа тој пристап го следат и ризици. Од Сирија до Северна Кореја, колкава е опасноста од вовлекувањето на САД во воен судир со непредвидлив исход на кој предупредуваше во текот на изборната кампања? Како Трамп би требало да реагира во случај на терористички напад на американска територија?, се едни од најопасните предизвици

Незабележан претседател во историјата на САД

Постојат многу примери коишто покажуваат дека Доналд Трамп е единствен претседател во американската историја. Еден од нив е интервјуто од март а Тајм, во кој гои бранеше своите контроверзни изјави, без разлика дали тие се чудни или сосема неточни. „Што да ви кажам… Склон сум да бидам во право“, рече.

По повеќе од три месеца од преземањето на должност, многу од неговите критичари сметаат дека сé уште важи портретот на Трамп што кон крајот на јануари зајадливо го направи за весникот Њу Јоркер писателот Филип Рот. Портретот за претседателот кој „не знае ништо за владеењето, историјата, науката, филозофијата, уметноста, не е способен да се изрази или да ги препознае нијансите“ и „користи „речник од 77 зборови“.

Бројните прилагодувања на Трамп и промените на ставовите, исто така, го поставуваат прашањето за основата на неговата политика и дефиницијата на „трампизмот“, нејасната доктрина којашто се врти околу мотото „Америка на првото место“. Нејзиното дефинирање е уште потешко поради идеолошките спротиставености во самата Бела куќа. Меѓу неговите советници, вклучително и десничарот Стив Банон, кои постојано стравуваат дека ќе паднат во немилост, исклучок е семејството предводено од ќерата Иванка.

Именувањето на конзервативниот судија 49-годишниот Нил Горсач во Врховниот суд, несомнено е еден од најголемите успеси во првите сто дена од власта на 45-от американски претседател. Свесен дека почетоците беа тешки, Трамп со твит ја отфрли важноста на тој „смешен рок“, дури и кога неговите соработници го уверуваат дека се „многу горди“ со постигнатото во првите сто дена.

Доналд Трамп, кому неолибералните непријатели му предвидуваат дури заминување од власт до крајот на годинава, а тој редовно ја споменува можноста да се кандидира и за втор претседателски мандат, има уште повеќе од 1.300 дена да го заокружи првиот.