АНАЛИЗА: Украинската криза ја подели Европа, на повидок нов светски блок

Земјите од Европската унија не успеваат да постигнат согласност за походот кој треба да го отпочнат во врска со украинската криза, и покрај широко распространетите дејствија на Русија, изјави претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.
Баросо, кој е во заминување по 10 години минати на оваа функција, вели дека украинската криза е најголемата закана по безбедноста на Европа, од паѓањето на Берлиснкиот ѕид досега, и има поголем и поопасен потенцијал отколку балканските војни во 90-те години од ХХ век, објавува „Гласот на Америка “, пренесува Нетпрес.

Тој посочи дека европските земји одлучиле да ја поддржат Украина и да покажат дека руските дејствија треба да доживеат последици, но додаде дека договарањето на еден заеднички одговор е „сеуште работа во процес“, ако се има во предвид какви се позициите на земјите членки на ЕУ.

„Ќе бидам искрен – точно тука е проблемот“, изјави тој.

Европските земји се движат многу бавно кон согласност за построга линија во однос на санкциите за руските компании, но изјавите на Баросо покажуваат колку тешко ќе биде да се постигне еден заеднички и прифатлив договор.

Разидувањата по ова прашање во блокот кој има 28 земји членки, кои во голема мерка зависат од рускиот гас, останаа да бидат ненадминати и покрај упорните обиди за договрање на засилување на ограничените санкции за членовите на руската елита. Германија, која е најмоќната економија во Европа, повикува да се даде поголема предност на дипломатијата, додека други земји, меѓу кои Велика Британија и Франција, не сакаат да има притисок за поостри дејствија.

Германскиот економски раст може да биде намален и до 1 отсто, годинава, ако ЕУ наложи построги санкции, објавија медиумите во Германија, цитирајќи истражување на Европската комисија.

Баросо, кој досега со Владимир Путин имал повеќе од 20 средби за време на својот мандат и честопати со него разговарал за кризни ситуации, вели дека зад украинската криза стои стремежот на првиот човек на Кремљ за засилување на односите на Русија со некои од бившите советски републики, а со цел создавање на нов Евроазиски сојуз.

„Тој сака да изгради и да рашири група, која потоа ќе прерасне во Евроазиски сојуз – един вид поле на сила, кое за жал ќе биде силен опонент на Европската унија“, смета Баросо.