Анчелоти го напушта клупскиот фудбал по Реал

Пред возвратниот меч од полуфиналето на Лигата на шампионите, во кој Реал Мадрид во среда на својот „Сантијаго Бернабеу“ ќе се обиде да ја надмине негативата од еден гол (3:4) против Манчестер Сити, 62-годишниот тренер на „Кралевите“ италијанскиот фудбалски стратег Карло Анчелоти најави дека ова ќе му биде последниот тренерски ангажман во некој клуб.

„Да, по Реал веројатно ќе престанам…“, вели Анчелоти за Amazon Prime но веднаш додава „Ако клубот сака да ме задржи уште десет, тогаш ќе бидам тренер уште десет години“.

Во 26-те години занимавање со тренерската работа, кој го започна на клупата на Реџина, Анчелоти досега менуваше 11 клубовои, а својот втор мандат во Реал го започна минатата година откако две години го водеше англискиот премиерлигаш Евертон.

Реач на четири кола пред крајот на првенството ја обезбеди титулата во Шпанија, што за Анчелоти ќе биде петтата национална титула во улога на тренер. Првак во национално првенство беше и со Милан, Челзи, ПСЖ и минхенски Баерн, а вкупно има освоено 22 троифеи, меѓу кои се трите триумфа во Лигата на шампионите, два со Милан и еден со Реал.

Италијанскиот стратег вели дека во иднина би сакал повеќе да им се своите внуци, да патува со сопругата и да ги посети местата на коишто сѐ уште не бил.

„Има многу такви места. Никогаш не сум бил во Австралија. Никогаш не сум бил во Рио де Жанеиро. Кога ќе ја прекинам тренерската кариера, ќе има многу нешта коишто ќе можам да ги правам“, вели Анчелоти.

Сепак, Италијанецот ја остава отворена можноста да ја преземе должноста селектор на некоја репрезентација.

„Да, можеби би можел да бидам селектор, но сега прерано е за тоа. Сигурно тоа нема да биде за годинешното Светско првенство. Но за четири години, зошто да не?“, заклучува Анчелоти кој стана најстариот тренер во историјата на шпанската Ла Лига со освоена титула првак.