Претседателот на мадридски Реал, Флорентино Перез, и тренерот Карло Анчелоти во петокот одржале состанок на кој го потврдиле продолжувањето на соработката и во следната сезона и се договориле за постепено подмладување на тимот без драстични намалувања, изјави италијанскиот тренер на прес-конференција во Мадрид во саботата.
Реал Мадрид, актуелниот шампион на Европа, во средата тешко беше поразен со 0:4 на гостувањето кај Манчестер Сити во полуфиналето од Лигата на шампионите. По таа разочарувачка елиминација, претседателот и тренерот на „Кралскиот клуб“ се сретнаа во клупските простории на северот на Мадрид за да го анализираат неуспехот на стадионот „Итихед“, но и целата сезона.
„Се сретнавме вчера. Претседателот Перез ја изрази својата поддршка и разговаравме за натпреварот одигран во средата. Ќе продолжиме да работиме со истата желба за работите да бидат подобри во иднина”, изјави Анчелоти кој има договор за уште една година, до 30-ти јуни 2024 година
Италијанецот, кој сезонава освои три од можните шест трофеи, но не успеа да ја одбрани титулата шпански и европски првак, додаде дека управата му кажала дека ќе го испочитува актуелниот договор до крај. Така Анчелоти стави крај на сите шпекулации за неговата блиска иднина, за која голем интерес покажа фудбалската федерација на Бразил.
„Сите добро знаат каква е мојата ситуација: имам договор до крајот на сезоната 2024 и сакам да останам“, изјави Анчелоти на прес-конференцијата видно лут кога повторно беше запрашан за интересот на Бразилците да го постават за селектор на нивната национална репрезентација.
„Очигледно нѐ боли елиминацијата во Лигата на шампионите, но не смееме да заборавиме дека тоа беше во полуфинале. Бевме блиску до играње во ново финале, но наидовме на подобар противник. Треба да гледаме кон претстојната Лига на шампионите“, изјави Анчелоти.
Од летото 2021 година, кога се врати на „Сантијаго Бернабеу“, тој го предводеше тимот на 113 натпревари, забележувајќи 78 победи.
„По овој пораз во Лигата на шампионите, уште повеќе сакам подобри резултати со Реал Мадрид“, истакна Анчелоти.
Договорите на шестмина играчи, меѓу кои и 37-годишниот капитен на хрватската репрезентација Лука Модриќ, истекуваат на 30-ти јуни. Анчелоти објави дека Модриќ, Тони Крос, Марко Асенсио, Дани Себаљос, заменик-капитенот Начо Фернандез и капитенот Карим Бензема се во преговори со клубот.
„Ќе донесат одлука кога ќе сакаат“, изјави Анчелоти.
До крајот на сезоната остануваат уште четири првенствени натпревари, од кои првиот Реал го игра в недела против Валенсија, но со оглед на тоа што Барселона веќе ја обезбеди титулата, размислувањата се насочени кон следната сезона.
Анчелоти најави дека нема да има драстични промени во преодниот рок, бидејќи клубот сака да продолжи со постепената транзиција започната порано, односно мало подмладување на тимот, поради што претходните години носеа млади играчи како Едуардо Камавинга. Аурелиано Чоамени, Родриго, Винисиус Жуниор и Федерико Валверде.
„Преминот од ветерани на младинци нема да започне следната сезона. Таа започна уште пред моето враќање кога тимот, кој постигна одлични резултати, почна да губи фигури. Тоа започна во 2018 година со заминувањето на Кристијано Роналдо“, изјави Анчелоти.
„Тогаш почнаа да носат квалитетни млади играчи. Играчите кои заминуваат се заменети со нови со исклучителен квалитет“, додаде Итлијанецот.
Анчелоти истакна дека Винисиус станал несомнен првотимец, дека Камавинга сѐ почесто влегува во игра, исто како и Родриго.
„Младите сега ќе имаат уште поголема улога. Транзицијата ќе запре на денот кога Модриќ, Бензема, Начо и другите сениори ќе престанат да играат за овој клуб“, рече Анчелоти.
Реал Мадрид, кој е 14-кратен европски првак, во последните 13 години 11 пати играше во полуфиналето на Лигата на шампионите.