Андоновска: Барам средба со Филипче, јавно да одговори на горливите прашања

Барам средба со Филипче јавно пред целокупната јавност да одговори на горливите прашања кои ги мачат граѓаните.

Кој си ја има мувата на капата си ја ишка, така и со Филипче министерот за здравство, кое нема ниту една причина да биде иземено од одговорност за скандалозниот тендер за набавка на вакцини со ограничена спецификација за вакцините со услови кои ги исполнува само една фирма.

Срамота е Венко да се вади дека тој не е одговорен, дека тоа не го направило министерството, дека тоа го направило Центарот за јавно здравје.

Центарот за јавно здравје е приватна институција или институција која има ингеренции од министерството за здравство?

Дали тоа што набавката ја прави Центарот за јавно здравје е помалку проблематично? Дали евентуалните малверзации со парите на граѓаните така на тој начин се прават легални?

До кога ќе се крие Венко зад пресовите, и зад неговите изјави и соопштенија?

Денеска дојдов тука да добијам одговор директно од Венко.

Венко честопати нагласува како тој е транспарентен и ја говори вистината. Но од друга страна имаме сосема спротивни сведоштва од граѓаните, чија вистина се разликува многу од она што ја кажува Венко. Затоа дојдов денеска тука пред министерството да оставам податоци и да побарам прием кај министерот, како би можеле да поразговараме за многу теми и тоа не само ние, туку отворено пред камерите, пред очите на целокупната македонска јавност да видиме кои од овие кажувања е вистината. Дали е вистината она што го кажува министерот Венко или вистината се трагичните сведоштва и хаосот со кој што граѓаните го опишуваат здравствениот систем.

Да видиме зошто нивната вистина се разликува многу од вистината на Венко. Се поставуваат прашањата:

1. Зошто толку доцнат вакцините за сезонски грип?

После примена вакцина потребни се 5-6 недели да се развие имунитет, тоа би значело дека доколку денес се прими вакцина, заштитени ќе бидеме на крајот на јануари, почетокот на февруари.

2. Зошто се случува пациенти да примаат инфузија во дворовите на болниците, или пак пациенти кои што примаат некаква терапија да лежат до веќе починати лица?!

3. До кога народот ќе чека и по неколку дена за да закаже КОВИД тест, а уште толку денови за да го добие резултатот од тестот?!

4. До кога народот ќе собира донации за лекување во приватните болници и зошто истите услови кои што ги имаат во приватните болници, не можат и да бидат и услови во државното здравство за кое што цел живот плаќаме осигурување?

5. Каде се протоколите за лекување? Зошто се уште ги нема?

6. Кој е планот на министерот за кадарот кој е изморен и кој недостасува, како тој се грижи за нив?

7. Ги слушна ли министерот проблемите на матичните лекари, ги повика ли, разговараше ли со нив? Се виде ли со стоматолозите, со хронично болните, со специјализантите? За кого тој се погрижи во овој период?

8. Зошто нема поделба на КОВИД болници и чисти болници каде нема да има мешање на пациентите кои што се лечат од КОВИД и кои што имаат потреба за некоја друга здравствена интервенција?

9. Знае ли министерот Венко колку пари луѓето плаќаат за дополнителни лабораториски анализи како ЦРП, ДДмери, рентген и итн.

10. Дали министерот Венко направи анализа на ефектите од мерките, и што вели таа? Зошто не и ја презентираше на јавноста?

11. Кој ќе сноси одговорност за високиот број починати? Зошто ние сме предводници во регионот за истото?

Ова се само дел од прашањата кои што сакаме да ги поразговараме со министерот за здравство Венко Филипче пред очите на јавноста. Не зад камерите или да се крие зад неговиот ПР. Пред очите на јавноста, еден состанок кој што ќе ни овозможи да ги расчистиме овие дилеми, да добиеме одговори на овие прашања, како би можела целокупната јавност да ја знае вистината.

Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.