Андоновска: Мора да има одговорност од Филипче и Шилегов за скандалот со медицинскиот отпад

На скандалите на СДСМ им нема крај! Уште еден во низата скандали поврзани со Министерството за здравство и Венко Филипче, се вели во реакцијата на Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес-конференција на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во врска со складирањето на медицинскиот отпад во депонијата Дрисла.

„Скандалозно однесување на градоначалникот Петре Шилегов, општинските инспекции, служби, државната инспекција и депонијата Дрисла излезе на виделина. Ни помалку ни повеќе медицински отпад непрописно се третирал и се носел во Дрисла, кучиња јаделе човечки органи и друг вид медицински отпад, а водата истекувала во реката Вардар“, вели Андоновска и прашува: „Каде е Филипче, но и сите надлежни да одговорат за овој случај? Каде е Јани Макрадули кој наместо да парадира по настани треба суштински да делува? Филипче, ги знае ли воопшто протоколите за уништување на медицински отпад? Филипче знаеш ли воопшто каде завршува тој медицински отпад? Господине Макрадули што прават инспекциите од министерството за животна средина, зошто не се штити животната средина и здравјето на граѓаните?“

Според Андоновска, ова е скандал и на Шилегов, на инспекциските служби и на Дрисла.

„Шилегов вие го водите градот трета година по ред, како тоа не знаете каде завршува медицинскиот отпад?! Како тоа при вонреден надзор е откриен случајот во декември?! Шилегов, сега е месец февруари! Но, не само што е февруари, што се случува во Дрисла, што прават во Дрисла, знаат ли надлежните со што воопшто работат?“, праша Марија.

За ваков невиден скандал таа вели дека Јавното обвинителство мора веднаш да реагира, дури досега требало да има отворена истрага.

Андоновска смета дека по ваков невиден скандал во кој се вклучени Филипче, Шилегов, Макрадули инспекциските служби и Дрисла, мора да сносат одговорност.

„Уште е непознато зошто во ваков еден скандал Филипче и Макрадули сеуште молчат и не си поднесуваат оставка’, истакнува Андоновска.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.