Андоновски ја повика ќерката на Родман во фудбалската селекција на САД

Селекторот на американската женска фудбалска репрезентација Влатко Андоновски повика 25 фудбалерки на првиот годинешен тренинг-камп, а ме]у нив е и 19-годишната Тринити Родман, ќерката на една од најинтригантните ѕвезди на кошаркарската НБА лига, Денис Родман.

Тринити Родман е напаѓач на актуелниот шaмпион во НВСЛ лигата, Вашингтон Спирит, а годинава беше прогласена за дебитант на сезоната.

„Таа мината сезона беше една од најдобрите напаѓачки во лигата и докажа дека може да биде конкурентна и на професионално ниво во НВСЛ. Со тоа го заслужи и повикот во репрезентацијата“, изјави Андоновски за американските медиуми.

Тринити е ќерка на Денис Родман, кој пет пати беше првак во НБА лигата, во 1989 и 1990 со Детроит Пистонс, и од 1996 до 1998 година со Чикаго Булс предводени од легендарниот Мајкл Џордан.

Денис Родман од 1992 до 1998 година седум сезони со ред беше најдобар скокач во најсилната кошаркарска лига на светот, што сѐ уште е рекорд во НБА лигата. Во Куќата на славните влезе 2011 година.

Познат е и по тетоважите и секогаш во друга боја бојадисаната коса, како и по раскалашниот живот. Светот го интригираше и кога пред неколку години неколкупати во Пјонгјанг му гостуваше на севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун.