9.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Андоновски: Арсовска во време на најголема криза од ЈП Водовод брка од работа 100 вработени

По агресивниот настап на градоначалникот на Град Скопје, Данела Арсовска и противправното разрешување на директорот на ЈП Водовод, Златко Перински, градоначалничката Арсовска прави уште еден непромислен, избрзан и нечовечки упад. Во нејзин стил, како познатата порака која кружи низ градот Скопје – „од утре да го нема“, градоначалникот најави прекин на договорите за работен ангажман на околу 100 вработени во Градот Скопје односно во ЈП Водовод, ова денеска преку прес-конференција го истакна Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Во време на најголема криза во најава, од работа се планира да се избркаат 100 работници од ова јавно претпријатие. Без објаснување каде овие луѓе згрешиле. Без замерки за нивната работа. Без аргументи. Знаеме дека во периодот од 05.07.22 до 07.07.22 во ова јавно претпријатие извршен е инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат на труд, за кој има записник, дека се во врска со работните односи е кристално чисто и дека Водовод е институција каде сите влезови и излези се евидентирани на електронски систем, како и со потпишани пропусници и за службен и за приватен излез на вработените. Значи нема отсуства од работа и нема недостатоци. Но, Арсовска, спротивно на било каква логика или доказ, го разреши и директорот на ова јавно претпријатие. И сакаше и да го разреши и секретарот на Градот Ѓоко Велковски откога истиот си поднесе оставка, од се уште неразјаснети причини поврзани со јавното претпријатие. И покрај успесите во работењето, проектите, позитивните промени, како и позитивните оценки од меѓународните кредитори, Арсовска реши да го разреши Перински. Сега, истото го прави и на недолжни работници кои посветено си го вадат својот леб од работата во јавното претпријатие. Од работен ангажман се бркаат луѓе кои својата работа ја вршат повеќе месеци, а некои од нив и со повеќе години. Наместо нивната стабилност да биде гарантирана пред очекуваната криза, тие сега се бркаат, вели Андоновски.

Тој додава дека на ова непромислено, избрзано, импулсивно и неаргументирано однесување на Арсовска реагираат и бројните синдикати на вработените во претпријатието.

-Гласно алармираме дека Градот не смее вака да се води. Данела Арсовска нека се вразуми, и во духот на успешен менаџер за каков што се претставуваше нека се воздржи од вакви нагли и непромислени потези. Луѓето заслужуваат да си ја задржат работата која си ја вршат со посветеност и чесност. Градоначалник, запрете ја постапката. Заборавете на реваншизам кон недолжни работници. Посветете се на реализација на проектите, вели Андоновски.