Андоновски: Судството ќе го прочистуваат луѓето на СДСМ и Заев за да остане неказнет криминалот

Реформите на правосудството се добри само на хартија. Во пракса продолжува партискиот камшик на СДСМ за обвинителството и судството, за заштита на криминалот, за заштита на сваровски и трас трас судиите кои денес се најверни слуги на Зоран Заев, истакна на денешната прес-конференција Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Сето она кое до сега се случи, а се претставува како прочистување во судството всушност е ветер и магла, одвлекување на вниманието за да остане неказнет криминалот. Со новите методологии се воспоставува нов метод за избор на послушни обвинители и судии, кои ќе работат само под политички диктат.

СДСМ и Зоран Заев продолжуваат со директно мешање во судските реформи. Тие одлучуваат за членовите на Советот за реформи, и тие ги избираат луѓето кои потоа им одговараат само ним.

Прочистувањето во судството ќе го вршат луѓето на СДСМ и Заев за да остане неказнет криминалот.

Од членовите на партиско-судскиот Совет кој ќе избира подобни судии и обвинители, издвојуваме:
– омилениот владин претседател на совет, против кој во 2017 година е поднесена иницијатива до Судски совет на утврдување факти и одговорност од невладини организации кои ги следат состојбите во правосудството.

– две лица од судскиот совет кои никогаш во животот не работеле како судии, ама затоа имаат фамилијарно високи партиски функции во СДСМ или се предложени од Претседателот Стево Пендаровски.
– сопруги на поранешни контроверзни функционери од СДСМ, како и на локален партиски функционер од Струмица и близок пријател и соработник на Зоран Заев.
– лица против кои постоеле истраги за проневери на стотици илјади евра со барања за притвор.
– и контроверзно избрани лица на функции кои немале против кандидат.
На својата прес конференција, Маричиќ и самиот призна дека токму тие учествуваат (читај: ги диктираат) методологиите и начините на прочистување на судии и обвинители. Тоа значи дека ќе се избираат подобните, кои ќе треба да им служат на желбите на власта. На овој начин Маричиќ и Заев удираат директно врз независноста на судскиот систем, кој останува предмет на политичко мешање од најсрамен вид.

Продолжува и нетранспарентноста, затвореноста и непрофесионалноста на раководствата во судскиот систем. Исто така, со непрофесионалниот избор на лица во Советот кој ќе ги проверува судиите и обвинителите, се руши професионалноста и интегритетот на огромната група судии и обвинители кои чесно и по закон си ја вршат својата работа.

Во Македонија мора да завладее правото и правдата. Треба еднаш засекогаш да завладее независен систем на критериуми на заслуги, мерливи критериуми за утврдување на одговорност на судиите и јавните обвинители. Суд и обвинителство кои ќе бидат еднакви и праведни за сите, а не само за богатите и функционерите од власта. Овој транспарентен и објективен систем ние потребен за да се постигне силна правосудна независност.

Тоа не може да се случи се додека власта се меша во судството, диктира судски пресуди, затвора неистомисленици, гони новинари и измислува кривични дела. Не може да завладее правото додека над 40 кривични пријави за изборен криминал на градоначалници и директори од СДСМ „фатени живи“ за време на предвремените парламентарни избори, не се процесуираат од страна на обвинителството. Неправда за некого е неправда за сите. Затоа оваа власт мора да замине.