„Јандреев шприц“ – патент иновација на прилепски гимназијалец

Сашо Јандрески, 16-годишен гимназијалец, ученик во втора година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“ измисли и патентираше нов, уникатен шприц за инјектирање лекови и корисен во медицински цели. Јандрески својот изум го патентираше и го презентираше пред медицинските работници и пред јавноста синоќа во големата сала на Домот на културата „Марко Цепенков“.

Средношколецот Јандрески речиси една година со тим од три професорки кои му ја дадоа поддршката, работеше на обликувањето на прототипот кој е наречен „Јандреев шприц“ и според Јандрески ова доаѓа како прв изум во медицината кај нас по 25 години.

Објаснувајќи како функционира „Јандреевиот шприц“, Јандрески вели дека идејата се родила по волонтирањето во прилепската Итна медицинска помош и во болницата „Борка Талески, сакајќи да се спасува живот и да се заштитат здравствените работници од евентуална зараза од Хепатит Б и Ц.

-Со овој нов модел на шприц, здравствените работници целосно се заштитени од каква било зараза од Хепатит Б и Ц при давањето терапија. Заштитени се и ветеринарите, фармацевтите, лаборантите. Самиот шприц е достапен во два вида: од обична и од биоразградувачка пластика. Од тој аспект мислевме на заштитата на животната средина, па професорката по биологија Наташа Милеска Михајлоска од прилепското основно училиште „Климент Охридски“ каде учев,  со мене неуморно работеше на сите истражувања, објаснува Јандрески.

На синоќешната презентација на „Јандреевиот шприц“ професорките-менторки: Стефани Видеска порфесор по македонски јазик во прилепската гимназија,  Моника Богданоска, наставник по математика, како и  Наташа Милеска Михајлоска, професор по биологија, и двете во ОУ „Климент Охридски“ каде учел гимназијалецот Сашо Јандрески, со гордост нагласија дека ова е голем пример на еден млад човек како со упорност, голема желба и ентузијазам, па и посветеност се стигнува да се направи многу, особено ако се има мотив да им се помогне на луѓето.

Сашо Јандрески напомена дека ангажирале адвокатска канцеларија за правна помош и се надева дека „Јандреевиот шприц“ ќе биде откупен и достапен за употреба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.