Јанева е во куќен притвор затоа што дала мала парична гаранција

Во одлуката што ќе биде објавена, велат судии од тричлениот совет што ѝ даде куќен притвор на Јанева, главните аргументи за поблагата мерка ќе бидат тоа што за сведоците се веќе распрашани, а обвиненија за рекетирање на осомничениот Орце Камчев во „Империја“ има за Бојан Јовановски, Јанева и Зоран Милевски – Кичеец. Тоа, патем, за судиите значело дека Јанева не може веќе да влијае на сведоците, пишува Сдк.мк.

Од Апелациониот суд Скопје велат дека со куќниот притвор Јанева не е слободен граѓанин и оти МВР ќе има 24-часовен надзор врз неа. Таа нема да е слободна како што би била со прифатената гаранција, вели судија од тричлениот совет што ја донесе одлуката. Вториот аргумент за пуштањето на Јанева од Шутка за судскиот совет во Апелација биле лекарските извештаи, кои упатувале на тоа дека таа имала големи здравствени проблеми.

Одлуката за ублажување на мерката против Јанева ќе биде јавно објавена, но јавноста ќе ги нема на увид доказите за нејзината здравствена состојба, што се заштитени како лични податоци. Токму затоа шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која уште го нема добиено решението за куќен притвор на Јанева, остро реагирала за пуштањето на Јанева од ефективен притвор од Шутка, зашто таа како обвинител во „Рекет“, имала поинакви аргументи во прилог на тоа дека во интерес на постапката и на обезбедување на нејзино присуство, е да остане во притвор во истражниот затвор, а не да си замине оттаму, со поблага мерка.