Јанева: Не се чувствувам виновна, веројатно ќе има судење за „Рекет“, таму ќе се кажат работите

По четири и пол часа распит во Обвинителството за организиран криминал, специјалната обвинителка Катица Јанева излезе од зградата и пред новинарите лежерно изјави дека не чувствува никаква вина во врска со случајот „Рекет“. Таа одговарајќи на новинарски прашања рече дека не знае каде е Орце Камчев, а немаше прецизен одговор на прашањето, каде завршиле парите од снимката што ја објави италијанскиот весник Ла Верита. За двата мобилни телефона што и беа одземени и се на анализа во обвинителство, Јанева негираше дека биле претходно форматирани, а затоа што сѐ уште станува збор за истрага, рече дека не знае дали ќе биде осомничена во случајот „Рекет“.

„Тоа ќе ја прашате Вилма Русковска. Дали истрагата ќе се води и против мене – не знам. Не чувствувам вина. Не знам дали во случајот има инволвиран и политичар“, беа одговорите на Јанева на бројните прашања на новинарите по излегувањето од распитот.

 Таа рече дека очекува судење за „Рекет“.

„Уште ќе се гледаме, веројатно ќе има судење. Таму ќе се кажат работите. Ова е истрага и во истрага не се споделуваат информации.“, кажа Јанева.

Во Обвинителството Јанева дојде во утрово околу 10 часот во придружба на адвокатот Стеван Павлески. Во кусата изјава за новинарите тогаш рече дека очекува нејзиниот денешен исказ да помогне да се забрза истрагата за „Рекет“.

„Јас сум се уште специјален обвинител. Моите колеги имаат целосно овластување да ги застапуваат предметите пред суд. Се надевам дека ќе имаме повеќе разрешници оваа есен. Се надевам дека со моите аргументи и мојата изјава ќе ја забрзам изјавата, изјави таа.

Претходно во Обвинителството искази дадоа тројца обвинители од СЈО, Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми. Вчера на распит беше донесен и второосомничениот Зоран Милески – Кичеец, како и пензионерката Лилјана Тодоровски, која е потписничка на проектот за европски центар на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Катица Јанева и Лиле Стефанова беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“, а во врска со случаите „Рекет“ и „Империја“.

За „Рекет“ се осомничени и се наоѓаат во притвор Бојан Јовановски и Зоран Милески за рекетирање бизнисмени.