Јанева се врати од одмор, Обвинителството не открива кога ќе ја повика на распит

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, за која постојат сериозни сомневања дека е вмешана во милионскиот рекет, се врати од одморот. Денеска, според информациите, таа се појавила и на своето работно место во Специјалното јавно обвинителство.

За Јанева, по објавата на снимките од италијанскиот весник „Ла Верита“, се појавија сериозни индикации дека била директно вмешана во изнудата на 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев со цел истиот да избегне затвор за предметот „Империја“.

Гласот на Јанева во повеќе наврати се слуша како телефонски комуницира со Камчев од телефонот на првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски.

Од Јавното обвинителство не откриваат кога Јанева ќе биде повикана за да даде исказ за сомневања кои произлегоа од снимките.

Денеска, пак, на распит во Обвинителството била обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска.

Државниот обвинител Љубомир Јовевски, денеска за МИА потврди, дека обвинителката Јосифовска е сослушана пред надлежен јавен обвинител.

Јосифовска претходно потврди дека таа го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на осмоничениот во „Империја”, Орце Камчев, но појасни дека одлука била на Јанева и таа како нејзина заменичка била должна да ја потпише, бидејќи ја заменувала додека била на одмор.

Во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита”, а во врска со случаите „Рекет” и „Империја”, покрај Јанева се споменува и обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова.

Стефанова, која го води предметот „Империја”, е повикана утре во Јавното обвинителство да даде исказ за случајот „Рекет”.